ФФМ: Службени 3-0 за Вардар на куп натпреварот против Тиквеш
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја усвои денеска жалбата на Вардар и со служен резѕлтат од 3-0 го регистрираше натпреварот од осминафиналето во Купот на Македонија.
Одлуката значи елиминација на Тиквеш од Купот на Македонија поради неправилен настап на фудбалер на дуелот на кој кавадаречкиот прволигаш го победи Вардар со 3-1.
„Комисијата за натпревари на ФФМ ја усвои жалбата на Вардар за неправилен настап на фудбалерот Окере Ебубе Висдом за ГФК Тиквеш, на осминафиналниот натпревар од Купот на Македонија. Согласно член 99, став 1, алинеја II и став 4 од Правилникот за натпревари на ФФМ, како и земајќи ги предвид член 8 и член 30, став 2 од Пропозициите за Куп-натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/27, член 63, став 6 и член 68 од Правилникот за натпревари на ФФМ, Тиквеш се елиминира од Куп-натпреварувањето на Македонија за сезоната 2026/27, а натпреварот Вардар – Тиквеш се регистрира со службен резултат од 3:0 за ФК Вардар“, се наведува во соопштението.
Комисијата за натпревари на ФФМ во образложението наведе дека работи стриктно согласно правилниците, пропозициите, одлуките и другите акти на ФФМ кои се во сила и ги применува во целост, независно од партиската, верската, етничката или расната припадност и дека одлуките ги носи исклучиво согласно регулативите на ФФМ, кои се изготвени во согласност со соодветните акти на ФИФА и УЕФА.
„Одговорноста за настанатата ситуација е исклучиво кај ГФК Тиквеш, односно кај лицата што клубот ги назначил за Комет администратори, чии неспособност и пропусти доведоа до ваков исход“, соопшти ФФМ.