Во пожарите во Грција годинава изгореле околу 35.000 хектари и загинаа 11 лица


Сезоната на пожари во 2026 година се карактеризира со изгорени површини помали од просекот во последните дваесет години, но истовремено и со значителни човечки, општествено-економски и еколошки загуби, пишува во заедничкиот извештај за пожарите во Грција годинава, изготвен од WWF Грција, метеоролошкиот тим за пожари при Националната опсерваторија во Атина и Опсерваторијата за шумски пожари – Firewatch, јави дописничката на МИА од Атина.

Според извештајот, во пожарите загинаа 11 лица, имаше повредени, како и значителна штета на домови, инфраструктура и бизниси, а изгорената површина се проценува на околу 35.400 хектари, додека пак во споредба со периодот 2006 – 2025 година, овогодишната сезона е осма најлоша во однос на изгорените површини и бројот на пожари.

Околу 80 отсто од зафатената површина изгорела во 12 големи пожари, „што уште еднаш ја истакнува долгогодишната тешкотија во справувањето со големите и сложени пожари“.

Во пожарите оваа година биле погодени вкупно шест заштитени подрачја, со вкупна површина од 3.739 хектари, од кои три области од мрежата Натура 2000, еден национален парк и две засолништа за диви животни.

Како најголеми пожари оваа година, во извештајот се издвоени: пожарот во западниот дел на областа Атика, што беше и најголемиот годинава со зафатени 11.338 хектари, од кои 27 отсто биле повторно опожарени најмалку еднаш во последните 20 години; двата пожари во близина на градот Ретимно на Крит, со зафатени вкупно 5.012 хектари; пожарот што избувна од удар на гром на планинскиот врв Трапезица во северозападна Грција и беше ставен под контрола по речиси еден месец, како и пожарот во северниот дел на Еврос што од Бугарија се прошири на територијата на Грција.

-Овогодишната сезона донесе доста позитивни работи, како ефикасното почетно справување со поголемиот дел од пожарите, зголемената употреба на копнените сили и дополнителното подобрување на истрагите за утврдување на причините за пожарите од Дирекцијата за справување со кривични дела на подметнување пожари при Противпожарната служба. Сепак, сè уште има значителни слабости во превенцијата, оперативната координација и справувањето со големите пожари, пишува во извештајот.