Црна Гора ќе го потпише договорот за членство во ЕУ во јуни
Заедно со Извештајот за напредокот на земјите во процесот на проширување, Европската комисија утре ќе објави насоки со временски рамки и чекори за завршување на пристапувањето на Црна Гора кон ЕУ – земјата која има остварено најголем напредок во тој процес.„Јутарњи лист“ имал увид во нацртот на овој документ, кој утре ќе биде усвоен на состанокот на колегиумот на Европската комисија.
Според планот на Европската комисија, Црна Гора би требало да ги затвори сите преостанати поглавја до крајот на оваа година. Шест од нив треба да бидат затворени во текот на ноември, а преостанатите шест во текот на декември. Работата на изготвување на нацрт-договорот за пристапување треба да заврши напролет, а јуни е индикативниот рок за потпишување на договорот за пристапување. Дотогаш, тој договор треба да биде прифатен од сите 27 земји-членки на ЕУ и од Црна Гора, а исто така треба да биде преведен на сите официјални јазици на Унијата, како и на црногорски јазик.
Дотогаш, Комисијата треба да ја потврди подготвеноста на Црна Гора за членство, а Европскиот парламент треба да даде своја согласност. Сепак, во овој документ Комисијата се оградува, напоменувајќи дека оваа индикативна временска рамка не го предодредува конечниот исход, ниту брзината на преговорите, ниту пак каква било одлука на Советот, Комисијата или Европскиот парламент.
„Со оглед на природата на преговорите за пристапување, чија брзина зависи од напредокот на Црна Гора во исполнувањето на условите за членство, оваа индикативна временска рамка не го предодредува исходот или брзината на преговорите, ниту пак каква било одлука на Советот, Комисијата или Европскиот парламент“, се наведува во текстот.
Дури и по завршувањето на преговорите за пристапување, Комисијата ќе продолжи да го следи континуираното исполнување на условите од страна на Црна Гора. Сепак, овогодинешниот извештај за напредокот би требало да биде последен за Црна Гора, бидејќи идните проценки – во периодот до самото членство, под услов преговорите да бидат завршени – ќе имаат форма на „извештај за следење“ (мониторинг извештај). Во случај на сериозно назадување од страна на Црна Гора, како мерка од крајна нужда може да се активира механизмот за одложување на пристапувањето.