Рама за студентските протести: Не сакаат разговор, бараат само да си заминам


Фото: Б. Грданоски

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Брисел, коментирајќи ги студентските протести во Тирана што траат веќе 22 дена, изјави дека демонстрантите одбиваат дијалог и инсистираат на негова оставка, без јасно дефинирани барања. 

„Не е лесно да се протестира. За што протестирате? Не сакаме да разговараме со вас, треба да си заминете. Жал ми е, не ми ја дадовте оваа работа. Ајде да разговараме, подготвен сум да ве слушам. Нема дијалог, нема разговор“, рече Рама во интервју за албанскиот „Евроњуз“. 

Тој оцени дека суштината на проблемот е што во моментов има сè повеќе луѓе на улиците кои бараат негово заминување. 

„Важно е да се разберат луѓето, не да се почне со посочување кој е виновен, туку да се слушаат и да се разбере што не е во ред и што навистина сакаат овие луѓе. Тоа е демократија, тоа е слобода. Луѓето имаат право да прават што мислат дека треба да прават“, рече Рама. 

Тој, меѓутоа, додаде дека проблемот се јавува кога луѓето не разбираат дека нивната слобода завршува таму каде што започнува слободата на другите. 

На прашањето дали протестите го засегаат, Рама одговори потврдно, наведувајќи дека се обидува да разбере „како да се направи повеќе и како да се направи подобро“ од нив. 

„Албанија е многу успешна кога станува збор за резултатите во туризмот и економскиот раст, на патот кон ЕУ и во многу други области. Но, од друга страна, луѓето бараат повеќе од она што го создава економијата“, рече албанскиот премиер.

Протестите во Албанија се одржуваат од 13 октомври пред Министерството за образование и државните институции, а студентите бараат оставки, како и исполнување на барањата поврзани со подобри услови за работа. Во ова беа поддржани од професорите кои ја прекинаа наставата на факултетите.