Дали од институциите се бара да работат преку Алта банка, прашува СДСМ
Андреј Жерновски, секретар за меѓународна соработка и член на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес-конференција соопшти дека партијата има информации од свиркачи според кои институции, нивни вработени и компании што добиваат тендери биле усно принудувани да работат преку Алта банка.
Жерновски побара премиерот Христијан Мицкоски да одговори на овие наводи, предупредувајќи на сериозните последици доколку тие се потврдат.
„Ако е тоа така, а ќе се докаже дека е така, бидејќи ако не излезе Мицкоски, ќе ги добиеме тие информации. Тоа значи дека Македонија е директно инволвирана во оваа криминална мрежа со криминални пари и затоа не може понатаму да се молчи на ова прашање“, рече Жерновски.
Тој ги повика Мицкоски и гувернерот Трајко Славески да објаснат што се случува со банката и со трансферите на пари, посочувајќи ја нивната одговорност за нејзиниот влез во државата.
„Да не заборавиме дека влезот на Алта банка во Македонија е со знаење, со одобрување и со одлука токму на Мицкоски и на Трајко Славески и затоа тие се најповикани да одговорат што се случува денеска, бидејќи одговорот на тоа прашање го очекуваат не само нашите граѓани, туку го очекуваат сите и во регионот. Но тука упорно се молчи“, нагласи тој.
Жерновски се повика и на информации од Србија за трансфери од над 50 милиони евра од централата на Алта банка во Белград кон Алта банка Македонија.
Тој го критикуваше молкот на надлежните институции и побара одговори за потеклото и движењето на парите.