Бугарија: Бојко Борисов повика да се гласа за Андреј Ѓуров
Поранешните бугарски премиери Бојко Борисов, Иван Костов и Николај Денков, потоа поранешниот претседател Росен Плевнелиев, градоначалникот на на Софија Васил Терзиев, бивши министри, високи воени офицери во пензија, дипломати и јавни личности, ги повикаа гласачите да го дадат својот глас за Андреј Ѓуров во вториот круг од претседателските избори оваа недела. Тие објавија заедничка изјава.
„Ги повикуваме сите оние кои се сметаат себеси за патриоти и бранители на цивилизацискиот избор на Бугарија – нејзиното место во семејството на европските демократии и НАТО – да го направат својот избор и да гласаат за Андреј Ѓуров и Георги Кандев. Ова претставува единствена реална можност да се запре лизгањето кон меѓународна изолација и уште една национална катастрофа. На Бугарија ѝ е потребна политичка противтежа и контрола врз политиките на Румен Радев“, се наведува во апелот.
Еден ден претходно, поддршка за Ѓуров изрази и поранешниот претседател Петар Стојанов.
„Неодамнешните настани покажуваат каква висока цена можеме да платиме за илузијата дека Путин може да се смири преку отстапки и со заземање ‘низок профил’. Последиците веќе не се само воени или геополитички; тие влијаат врз секој бугарски граѓанин, врз деловниот сектор, трговијата и безбедноста на поморскиот сообраќај кон и од нашите пристаништа.
Дојдовме до точка каде што ги критикуваме нашите сојузници во Романија – на кои се потпираме – затоа што се бранат и соборуваат руски дронови, само затоа што, наводно, нивните постапки ја провоцираат Русија!
Амбицијата на Путин НАТО да се врати на границите од пред 1997 година подразбира враќање на Бугарија и Источна Европа во руската сфера на влијание. Сепак, за ова нема ни збор – ниту од Јотова, ниту од Радев“, се вели во нивната порака до јавноста.
Во неа се додава:
„Андреј Ѓуров и Георги Кандев претставуваат единствена реална можност да се запре лизгањето кон меѓународна изолација и уште една национална катастрофа. На Бугарија ѝ е потребна политичка противтежа и механизам за контрола врз политиките на Румен Радев“.