Претреси во приватна болница и во ФЗО, меѓу осомничените и Ден Дончев


Од утринава се вршат претреси на десетина локации, поради нова акција на Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност – МВР. Според првичните неофицијални информации, со акцијата опфатени се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари. Меѓу осомничените е и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.

Претресите се спроведуваат  на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Куманово.Меѓу лицата опфатени со полициските активности, според првичните информации, се поранешни директори, поранешен претседател на Управниот одбор на Фондот, поранешни раководители во оваа институција, како и сопственик на приватна болница.

Според неофицијалните сознанија, штетата врз буџетот надминува 1,5 милиони евра, додека противправно стекнатата имотна корист за приватната болница се проценува на околу четири милиони евра. Во случајот, според истите информации, се опфатени и сомнежи за оштетување на поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.

Полициските активности се во тек, а засега не се соопштени идентитетите на сите лица опфатени со постапката, ниту деталите за начинот на кој наводно биле извршени злоупотребите. Се очекува Министерството за внатрешни работи во текот на денот да објави повеќе информации за акцијата, бројот на осомничени и кривичните дела што им се ставаат на товар.

Информациите за улогата на Дончев и останатите лица засега се неофицијални, а нивната евентуална кривична одговорност допрва треба да се утврдува во надлежна постапка.