Германија и Франција бараат продажбата на бензински и дизел автомобили да продолжи и по 2035 година
Германија и Франција постигнаа договор за ублажување на европските правила со кои беше предвидено практично да запре продажбата на нови автомобили со бензински и дизелски мотори од 2035 година. Двете најголеми автомобилски сили во Европската Унија сега предлагаат ваквите возила, како и хибридите, да можат да се продаваат и по утврдениот рок.
Договорот е постигнат на 16 октомври, на маргините на состанокот на европските лидери во Брисел, а германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави како значаен чекор за иднината на автомобилската индустрија.
Според компромисот, производителите на автомобили ќе треба да ги намалат просечните емисии на јаглерод диоксид за 90 проценти до 2035 година, наместо досега предвиденото целосно намалување. Притоа, нема да бидат обврзани да ги компензираат преостанатите 10 проценти, како што првично предложи Европската комисија.
За возврат, Франција добила германска поддршка за построги правила со кои ќе се фаворизираат автомобилите произведени во Европа. Предлогот предвидува најмалку 70 проценти од автомобилските компоненти, со исклучок на батериите, да бидат произведени на европскиот континент.
Целта е заштита на европските фабрики и работни места во услови на засилена конкуренција од кинеските производители и високи трошоци за преминување кон електрични возила.
Договорот меѓу Берлин и Париз претставува заедничка позиција во преговорите за промена на европската регулатива. За измените да стапат во сила, потребна е согласност и од останатите земји членки и од Европскиот парламент.
Европратениците треба да гласаат за предлогот на 23 ноември, по што ќе продолжат преговорите за конечните правила.