„Меморија“ на 23 октомври со концерт во „Јане Сандански“
Македонската рок-група „Меморија“ на 23 октомври ќе одржи концерт во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, на кој ќе претстави поинаков аудиовизуелен концепт од претходниот голем концерт во арената „Борис Трајковски“. Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, предвидено е настапот да трае речиси три часа и ќе опфати песни од различни периоди на македонската музичка сцена, како и специјални гости и нови изведувачки решенија.
Основачот на групата „Меморија“, Петар Георгиевски – Камиказа, најави дека ова ќе биде прв настап на бендот во салата „Јане Сандански“, со концепт што ќе ги поврзе различните генерации музичари и повеќе периоди од историјата на бендот и македонската рок-музика.

-Во „Јане Сандански“ по првпат ќе се случи „Меморија“ да свири. Тоа е единствената сала во која „Меморија“ досега нема свирено. Обично сите сали во кои сме свиреле, со исклучок на „Борис Трајковски“, неславно завршија во својата историја. За жал, во 2017 година бевме последните што свиреа во Арената „Метрополис“. Тоа беше концерт кој кај многу луѓе ги разбуди спомените од пред многу години, но за наше изненадување, беше концерт прифатен од многу генерации. Потоа и Универзалната сала, исто така по кратко време од нашиот концерт, замина во историјата. Се надевам дека салите што ги имаме сега ќе опстанат, се надевам дека ќе се изградат и нови, а ќе се обнови и Универзалната сала, за да има каде идните генерации да се чувствуваат достојно и да ја презентираат својата музичка уметност – посочи Георгиевски.
Најави дека концертот ќе опфати музички содржини од времето на „Бис-Бис“, со песната „Дај да плачам и да пејам“, преку групата „Бонтон“, до поновите генерации музичари. Како гости се најавени Давид Тевловски, кој ќе го отвори концертот со група што ќе свири на виолончело, Игор Џамбазов и членовите на „Нонстоп“, кои во чест на Тоше Поп Симонов ќе ја изведат песната „По навика“.
-Ќе бидат опфатени работи уште од времето на „Бис-Бис“ со „Дај да плачам и да пејам“, преку групата „Бонтон“, тука да го поздравиме нашиот колега, гитаристот од „Бонтон“. Потоа од помладата генерација ќе следи Давид Темелков, кој ќе го отвори концертот. Нашиот генерациски другар Игор Џамбазов, заедно со нас, исто така ќе биде дел од ова. Во чест на нашиот пријател Тоше Поп Симонов, момците од „Нонстоп“ ќе ја изведат песната „По навика”, тоа е автобиографска песна на Тоше – рече Георгиевски.
Членот на групата Ристо Самарџиев истакна дека концертот ќе се одржи на датум што, како што рече, има посебно значење за македонската историја.
-Одлично е чувството што повторно ќе се видиме пред полна сала, за првпат во „Јане Сандански“. Особено е битен моментот што на сите посебно ни значи – концертот ќе биде на 23/24 октомври, во деновите поврзани со борбата и историјата на македонскиот народ. Ние во добар дел од сите наши изведби и настапи сме покажувале и твореле во правец на тоа колку ни се важни тие големи датуми од нашата историја – рече Самарџиев.
Георгиевски информираше дека Министерството за култура го ослободило концертот од плаќање ДДВ и доделило финансиска поддршка од 209.000 денари, што, како што посочи, е прва таква поддршка за групата во нејзината 44-годишна кариера.