Скопјанец присвоил над 6,8 милиони денари од надоместоци при регистрација на возила


Фото: Б. Богдановска

Единицата за финансиски криминал поднела кривична пријава против 47-годишен скопјанец и правно лице од Скопје поради сомнение за проневера во службата и перење пари и други приноси од казниво дело. Според МВР, осомничениот противправно се стекнал со 6.803.900 денари на штета на државниот буџет.

На 15 октомври 2026 година, пријавата била поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„И.С. во својство на овластено лице на пријавеното правно лице, кое имало овластувања за вршење на технички преглед на возила во периодот од 01.01.2021 до 20.01.2026 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист во износ од 6.803.900 денари, изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до Јавно претпријатие за државни патишта, Црвен крст, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за животна средина и општините“, соопштуваат од МВР.

Според пријавата, во изготвувањето на извештаите и лажирањето на податоците учествувало и лицето С.С. Наводно, преку две правни лица и осигурително брокерско друштво од Скопје биле прикривани паричните средства собрани од надоместоците.

Од МВР наведуваат дека средствата биле префрлувани од една на друга сметка и мешани со приходите од редовното работење преку различни трансакции, меѓу кои позајмици, договори за заедничка изградба и купопродажба на недвижности и возила.

Дел од парите, според наводите во кривичната пријава, биле искористени за купување недвижен и подвижен имот во корист на пријавеното правно лице.

Со пријавените дејствија, И.С. се стекнал со противправна имотна корист од 6.803.900 денари, односно средства од надоместоци наплатени при регистрација на возила, на штета на Буџетот на Република Северна Македонија.