Мотоциклист приведен откако со „јамаха“ возел 188 км/ч на делница со ограничување од 80


Мотоциклист од Гостивар е лишен од слобода откако бил фатен како вози со брзина од 188 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово, на делница каде што максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Мотоцикл „јамаха“ со гостиварски регистарски ознаки, управуван од 27-годишен гостиварец, како што информираат од МВР, е регистриран од полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи, со помош на специјално полициско возило – пресретнувач, вчера во 16:20 часот на автопатот Гостивар – Тетово.

-Возачот В.Б.(27) од Гостивар е лишен од слобода поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Преземени се сите соодветни мерки и против него ќе следува соодветна постапка согласно закон – информираат од МВР.

Од МВР посочуваат дека продолжуваат со засилени сообраќајни контроли со специјалните полициски возила – пресретнувачи на територијата на целата држава, со цел откривање и санкционирање на несовесните возачи, зголемување на безбедноста на патиштата и заштита на сите учесници во сообраќајот.

Управувањето на моторни возила со брзина поголема од пропишаната е една од главните причини за сообраќајни незгоди, кои најчесто резултираат со тешки последици по имотот, здравјето и животот.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта.