„Персеида“ ќе ја претставува Македонија на меѓународното финале на Imagine Music Experience во Брисел


Групата „Персеида“ е избарана за победник на националното финале на Imagine Macedonia 2026, што се одржа во рамки на фестивалот „Здраво Млади“ во Младинскиот културен центар во Скопје, во организација на Музичка младина на Македонија.

„Персеида“ ќе ја претставува Македонија на меѓународното финале на Imagine Music Experience во Брисел.  Учеството и патувањето на македонскиот претставник на меѓународното финале се реализираат со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.

Покрај главната награда, синоќа, беа доделени и дополнителни признанија. Бендот „Немеза“ ја доби наградата обезбедена од спонзорот DoReMi, додека The Last Thing You Said ја освои наградата за настап на фестивалот „Здраво Млади“, каде што ќе настапи вечерва, на 10 октомври.

На националното финале настапија и бендовите „Нема назад“ и „Yамка“, додека СРЖ имаше ревијален настап.

Imagine Music Experience е меѓународна програма на Jeunesses Musicales International (JMI), наменета за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, која им овозможува да ја претстават својата авторска музика, да стекнат сценско искуство и да се поврзат со млади музичари од други земји.

Со ова издание, Музичка младина на Македонија продолжува да ја поддржува новата генерација домашни музичари, создавајќи можности за нивна промоција на националната и меѓународната музичка сцена.