Договорот на Трамп со Путин ѝ помага на Русија да ја финансира војната, предупредува Брисел
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес предупреди дека укинувањето на санкциите за рускиот дизел ѝ помага на Русија да ја финансира војната против Украина. Таа реагираше откако САД и Русија објавија дека постигнале договор за извоз на руско гориво.
„Суспендирањето на санкциите за рускиот дизел ѝ обезбедува на Москва дополнителни приходи за војување. Сега не е време да се намали притисокот врз Русија и Европа нема да го стори тоа“, напиша Калас на социјалните мрежи.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека Русија се согласила да испорачува дизел на светскиот пазар со цел да ги намали цените на горивата. Тој, исто така, потврди дека неговата администрација привремено ги укинала санкциите на САД за руското гориво, кои беа воведени за да се намалат приходите на Москва за финансирање на војната во Украина.
Според соопштението од Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин изјавил дека Русија е подготвена да испорачува нафта и нафтени производи на САД и остатокот од светот. Тој оценил дека тоа ќе и користи на глобалната економија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја осуди одлуката на САД синоќа, нарекувајќи ја „срамна“ и „слаба“. Тој предупреди дека тоа ќе ѝ дозволи на Москва да продолжи да ја финансира војната против Украина.
Германија денес изјави дека ќе продолжи да ги спроведува санкциите против Русија, и покрај одлуката на Трамп. „Федералната влада ја зеде предвид одлуката на Соединетите Американски Држави во врска со снабдувањето со руски дизел“, изјави портпаролот на германската влада Стефан Корнелиус.
Тој нагласи дека ставот на Германија останува непроменет. „Федералната влада стои зад својата одлука за санкции против Русија и работи со европските партнери за понатамошни санкции“, додаде тој.
Цените на дизелот, кој се користи во земјоделството, греењето на домовите и транспортот на стоки по пат, се искачија на речиси рекордни нивоа. Високите цени на горивата се политички проблем за Трамп и републиканците пред изборите за Конгресот во САД на 3 ноември, на кои ќе се одлучи дали републиканците ќе го задржат своето тесно мнозинство во Конгресот.