Концерт „Трансформации“ на Пламенка Трајковска – гудачки квартет во Струмица


Концертот „Трансформации“ на Пламенка Трајковска – гудачки квартет ќе се одржи вечер со почеток во 19 часот, во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. Проектот носи нов музички пристап кон македонската фолклорна ризница, оживувајќи заборавени и помалку познати народни песни преку современи аранжмани за гудачки квартет.

Квартетот го сочинуваат Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска-Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

Концертот се реализира по повод 120-годишнината од раѓањето на Живко Фирфов, истакнат македонски етномузиколог, композитор, диригент и музички деец, кој оставил значаен белег во собирањето, мелографирањето и проучувањето на македонскиот музички фолклор.  За концертот се користени мелографските колекции на Живко Фирфов, а Пламенка Трајковска направи нови иновативни аранжмани за гудачки квартет. 

Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, македонскиоте мелодиски и ритмички линии од сите региони на Македонија, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика автентичните карактеристики на македонскиот музички код.Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и македонска музика. 

Концертот е замислен како покана за публиката преку камерната музика повторно да ја открие богатата фолклорна традиција и да ја доживее нејзината поврзаност со историјата и културата на македонскиот народ.

Реализацијата на концертот е со поддршка на Министерството за култура и туризам и НУЦК „Антон Панов“ Струмица.