Џијан Емин пак соработува со Бамбершкиот симфониски оркестар: Ново признание за македонската музичка сцена


Македонскиот диригент и композитор Џијан Емин оваа година оствари повторна соработка со Бамбершкиот симфониски оркестар (Bamberger Symphoniker), еден од реномираните европски оркестарски ансамбли, кој деновиве доби уште едно значајно меѓународно признание. Престижното британско списание за класична музика Gramophone го прогласи за Оркестар на годината за 2026 година, во рамките на своите традиционални годишни награди, во кои за победникот одлучуваат читателите.

На 18 јуни годинава, Емин диригираше со оркестарот на концерт во германскиот град Бамберг, продолжувајќи ја соработката започната претходната година. На истиот проект повторно настапи и светски познатиот пијанист, композитор и продуцент Франческо Тристано од Луксембург. Програмата обедини дела од Јохан Себастијан Бах, Морис Равел и Чарлс Ајвс, како и нови авторски композиции создадени специјално за овој проект од Емин и Тристано.

„Голема чест е повторно да работам со Бамбергер Симфоникер и со Франческо Тристано. Ова е проект што отвора нови креативни перспективи преку авторска музика создадена специјално за овој состав и оваа програма“, изјави Џијан Емин пред концертот.

Признанието на Gramophone доаѓа во година во која Бамбершкиот симфониски оркестар ја потврдува својата меѓународна позиција со исклучителни дискографски изданија, внимателно осмислен репертоар и континуирана соработка со врвни диригенти и солисти. Меѓу издвоените достигнувања е снимката на комплетните симфонии на чешкиот композитор Бохуслав Мартину, објавена за Deutsche Grammophon, која во јулскиот број на списанието беше прогласена за „Снимка на месецот“.

Во образложението за наградата, Gramophone особено го истакнува и десетгодишното партнерство на оркестарот со неговиот главен диригент Јакуб Хруша, како и силната поврзаност на ансамблот со градот Бамберг и регионот Баварија. Оркестарот, основан во 1946 година, денес е препознаен како еден од значајните музички амбасадори на Германија, со настапи на престижни европски и светски сцени и богата дискографска продукција.

За Џијан Емин, повторната соработка со овој ансамбл претставува уште една потврда за неговото присуство во меѓународниот музички простор и за можностите што ги отвораат неговите диригентски и авторски проекти. Во изминатите години, Емин оствари бројни настапи и соработки низ Европа, поврзувајќи различни музички традиции, современи авторски пристапи и врвни инструменталисти.