Франција поради жештините и сушите очекува најниско производство на вино во овој век


Франција оваа година поради екстремните летни жештини и суши очекува пад на производството на вино на 34,9 милиони хектолитри, што би било најниско ниво во овој век, соопшти денеска француското Министерство за земјоделство.

Производството ќе биде за два отсто помало отколку минатата година, кога исто така беше слабо, како и за 14 отсто под просекот за периодот од 2021 до 2025 година.

Министерството наведе дека падот на производството произлегува од намалувањето на површината под лозови насади, како и од пониските приноси поради екстремните временски услови.

Француското земјоделство ова лето силно го погодија рекордни топлотни бранови и недостиг од врнежи, поради што владата минатиот месец најави пакет итна помош за земјоделците вреден повеќе од милијарда евра.

Националниот институт за статистика и економски истражувања (Insee) проценува дека вкупното земјоделско производство на Франција во 2026 година ќе падне за околу четири отсто. Институтот прогнозира дека последиците од летните топлотни бранови ќе го намалат растот на францускиот БДП за околу 0,1 процентен поен во 2026 година.

Според Меѓународната организација за лозарство и вино (OIV), која составува глобална статистика за производството и потрошувачката на вино, Франција уште минатата година забележа најниско производство од 1957 година, а понатамошниот пад што се бележи оваа година е последица на намалувањето на обработливите површини и намалувањето на приносите по топлото и суво лето.

Површината на лозовите насади во Франција е намалена за 1,9 отсто во однос на истиот период минатата година, поради владиниот план за поддршка за целосно искоренување на виновата лоза, што бара од лозарите да ја прекинат работата, или делумно искоренување за да се овозможи преориентација на производството на вино, што го влоши сушата.

Во споредба со другите делови на Франција, во Лангдок и Русијон приносите се подобри од очекуваните и во овие региони, и покрај намалувањето на обработливите површини за три отсто, се очекува гроздоберот да се зголеми за 20 отсто во споредба со многу лошиот гроздобер од 2025 година.

Истиот тренд се забележува и во регионот Бордо, каде што, и покрај намалувањето на обработливите површини за пет отсто, се очекува зголемување на производството на вино за десет отсто во споредба со 2025 година.

Во регионот Шампањ раниот гроздобер, кој за првпат заврши во почетокот на септември, покажа намалување на производството за половина во споредба со минатата година и петгодишниот просек.

Во Бургундија и Божоле се очекува производството да биде за 22 отсто пониско отколку во 2025 година и за 30 отсто пониско од петгодишниот просек.

Во долината на Лоара производството падна за седум отсто во однос на претходната година, со историски ниска тежина на зрното грозје.