Орце Ѓорѓиевски денеска беше на целодневна посета на Карпош: Што договорија со Лукровски?
Поврзување на Визбегово со Карпош, воспоставување претоварна станица за комунален отпад, монтажни паркинзи во блзина на мостот „Обединети нации“, санација на свлечиште во Жданец, нови мостови на Серава и други проекти, договорија денеска, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој беше на целодневна посета во оваа скопска општина.
На состанокот присуствуваа и повеќе претставници од двете администрации, меѓу кои раководители на сектори со поврзани надлежности и ингеренции, со цел да се унапреди меѓусебната координација и соработка.

На средбата беа отворени повеќе прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на конкретни инфраструктурни, сообраќајни и комунални проекти, како и на прашања поврзани со надлежностите и одговорностите на двете институции. Во рамки на разговорите беа разгледани можностите за реализација на повеќе заеднички проекти за кои обврска имаат и Град Скопје и Општина Карпош, меѓу кои:
разгледување на можноста за воспоставување претоварна станица за комунален отпад, со цел унапредување на системот за собирање и транспорт на отпадот
реконструкција на пристапниот пат до Бардовци и изградба на нов резервоар за вода;
разгледување на можноста за отворање нова сообраќајна врска од Визбегово;
реконструкција на улицата „Скупи“;
изградба на монтажни паркинзи во Карпош 4, на потегот помеѓу мостот „Обединети нации“ и кејот;
санација на свлечиштето кај црквата во Жданец, како и изградба на потпорни ѕидови и санација на други критични локации;
изградба на нови улици во реоните Момин Поток и Криви Дол;
изградба на нови мостови преку реката Серава;
изработка и реализација на сообраќајно решение во Криви Дол, вклучително и изградба на мост и потребната сообраќајна инфраструктура;
воведување зонско паркирање на локации каде што постојат важечки урбанистички планови и се исполнети потребните услови;
замена на постоечките контејнери за комунален отпад и поставување дополнителни нови контејнери;
обезбедување нови возила за собирање и транспорт на комунален отпад на територија на Општина Карпош.
Посебно беше истакната потребата од подобра координација при реализација на проектите каде што надлежностите на Општина Карпош и Град Скопје се преклопуваат или се непосредно поврзани, со цел постапките да се одвиваат побрзо и поефикасно, соопшти Општина Карпош.
– Го посетивме и просторот каде што се создава новиот мега парк – 86.000 квадратни метри наменети за одмор, рекреација и убави мигови за сите генерации. Со нова урбана опрема, детски катчиња, повеќенаменски игралишта, зеленило и сопствена хидрантска мрежа, Карпош добива простор во кој детската игра, спортот и семејните прошетки ќе станат дел од секојдневието. Токму ова место со години беше огромна дива депонија, слика што потсетуваше на Вардариште. Наместо да се заштити еден од најубавите делови на градот, несовесното однесување и непостапувањето на поранешните градски власти дозволиле тука да се натрупува отпад, да се палат кабли и да се шири чад. Граѓаните предолго ги трпеа последиците од таквата негрижа. На тоа му ставаме крај! Депонијата е исчистена, отстранет е слојот од теренот на кој со години се таложел отпад и се носи чиста земја. Просторот се подготвува за уредување и за новото зеленило, а со секој завршен чекор поранешната депонија се претвора во место што ќе им припаѓа на граѓаните. Наскоро, Карпош добива нов мега парк, простор што ќе остане за сегашните и за идните генерации и доказ дека со одлучност, работа и соработка можеме да ги менуваме и најзапуштените делови на Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека од ветените проекти за Карпош, привршуваат и градежните активности за пуштање во употреба мостот на ,,Љубљанска”, проект од огромно значење кој неколку години беше закочен.