По шест дена без храна, доктор Василевски го прекина штрајкот: Си одам со нарушено здравје, но со крената глава


Лекарот и приватен специјализант Дарко Василевски по шест дена го прекина штрајкот со глад пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој вели дека си заминува „со крената глава“, но и со благо нарушено здравје, откако, според него, изостанала конкретна реакција од институциите за проблемите на кои укажувал, пренесе Скопје1.

Василевски преку објава на Фејсбук порача дека со својот протест сакал да укаже на неправдите со кои, како што тврди, се соочуваат медицинските лица кои немаат „славно име, поддршка или врски“.

„Вечерва заминувам од пред Деканатот на Медицинскиот факултет со крената глава, затоа што барем укажав на неправдата со која се соочуваат медицинските лица кај нас кои немаат славно име, поддршка или, во мојов случај, имаат многу години“, напиша Василевски.

Тој наведува дека дури на шестиот ден од штрајкот го посетил колега лекар кој му понудил поддршка. Истовремено им се заблагодари на граѓаните кои лично дошле да му понудат помош или преку пораки му давале поддршка.

Василевски соопшти и дека имал краток разговор со деканот на Медицинскиот факултет, по кој, како што вели, сфатил дека „како Дон Кихот се бори со ветерници“ и дека имал преголеми очекувања од институциите.

„За скоро една недела, скоро никој не се одважи да ме праша како сум, да побара решение или да ми понуди конкретен разговор“, наведува лекарот.

Тој упати критики и кон дел од своите колеги, тврдејќи дека наместо поддршка бил претставуван како неработник и дека во јавноста биле изнесувани негови лични податоци со цел да биде дискредитиран.

И покрај исходот, Василевски вели дека не жали што јавно проговорил и што се обидел да се избори за своите права. Според него, секој треба да добие фер шанса, без оглед на возраста и без потреба од врски.

„Си одам со благо нарушено здравје, ама горд на себе што издржав и не каснав ни залак, што не потклекнав под притисокот, што барем јавноста се сплоти околу мене“, напиша тој.

Василевски најави дека ќе продолжи да се занимава со медицината, да се едуцира и да го усовршува своето знаење и искуство, со цел, како што вели, пред сè да остане добар лекар.

Воедно најави дека прашањето за фер и транспарентноста на постапката ќе биде предмет на проверка пред надлежните инспекциски и судски органи.

„Јас и понатаму ќе одам против ветерници, не знам како поинаку!“, порача Василевски по завршувањето на шестдневниот штрајк со глад.