Четири дена, три вечери 45. Скопски џез-фестивал: Програма по европски вкус


Од 15 до 18 октомври ќе се одржува 45. Скопски џез-фестивал, на кој годинава ќе учествуваат рекорден број изведувачи од тринаесет земји. Во четирите фестивалски дена на програмата се осум концерти од 20 и од 22 часот на големата сцена во Националната опера и балет и уште три полноќни концерти, кои, наместо во МКЦ како во минатите години, ќе се одржуваат на специјално подготвената мала сцена во НОБ.

Програмата на прес-конференција ја соопшти директорот на Скопскиот џез-фестивал, Оливер Белопета, кој рече дека и годинава фестивалот е свртен кон она што е иднина на џезот и актуелно во Европа и светот – импровизирана современа музика, која истражува и го редефинира џезот.

– Со еден таков храбар концепт Скопскиот џез-фестивал со години е меѓу угледните европски фестивали и таа негова особеност го претвори нашиот фестивал во култен настан во Европа и на тоа многу се гордееме. Тоа практично значи дека програмата е правена со цел да се зачува тој култен статус што го имаме кај колегите во Европа и светот. Тоа значи и дека програмата во ниеден сегмент воопшто не е правена да ѝ се додворува на овдешната публика и не води сметка што сака таа најмногу да чуе од џезот. Сепак, публиката е доволно отворена кога ќе дојде да го препознае она што е добро – истакна Белопета. 

Идниот четврток во Националната опера и балет фестивалот ќе биде отворен со настап на словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич и неговиот проект Bravery of the Brave („Храброста на храбрите“), со ансамбл во кој настапуваат негови поранешни студенти, како и гости од Италија. На вториот концерт вечерта ќе настапи тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, предводник на квинтетот со меѓународен состав – Quispel Quintet. За отворањето на 45. Скопски џез-фестивал, Скорупа е ангажиран да компонира ново музичко дело, при што својот базичен петочлен ансамбл ќе го прошири со тројца македонски музичари (Божидар Пеиќ – виолончело, Бојан Талевски – виола и Ѓорѓи Петрушевски – обоа) и заедно ќе настапат како октет (Quispel Octet).

На полноќниот концерт на првата фестивалска вечер концерт ќе имаат италијанско-американското дуо – вибрафонистот Пасквале Мира и вокалистот Хамид Дрејк, кој се смета и за еден од најзначајните перкусионисти на сцената на импровизираниот џез.

На 16 октомври е концертот на норвешкото дуо Еивинд Орсет (гитара, електроника) и Јан Банг (лајв семплинг), од Исланд доаѓаат композиторот и бас-гитарист Скули Сверисон и композиторката и мултиинструменталистка Олоф Арналдс, а полноќниот концерт е посветен на музичкиот фестивал Punkt во градот Кристијансанд и ќе гостуваат неговите основоположници – Норвежаните Јан Банг и Ерик Хоноре.

Вечерта на 17 октомври ќе биде отворена со концерт на македонскиот квинтет предводен од вокалистката Андреа Мирчевска и нејзиниот проект Lullaby for Lunatics, а во терминот од 22 часот е настапот на јужноафриканскиот композитор и пијанист Ндудузо Махатини, кој подолго време снима за Blue Note. 

На полноќ на малата сцена во НОБ ќе гостуваат британскиот композитор, пијанист и органист Александар Хокинс и шведската вокалистика родена во Етиопија – Софија Јернберг, со нивниот заеднички проект Musho. 

Последната фестивалска вечер (18 октомври) е резерверина за бразилско-американското трио „Сао Пауло андерграунд“ (Sаo Paulo Underground), кое ги редефинира можностите на електроaкустичната композиција, спонтаното компонирање и звучната инвенција, а фестивалот ќе биде затворен со концерт на квинтетот Living Being предводен од францускиот хармоникаш Винсент Пеирани.

На четвртата, последна вечер, ќе нема полноќен концерт. Трите концерти на полноќ на 15, 16 и 17 октомври првпат ќе се одржат на малата сцена во НОБ. Белопета рече дека одлуката за напуштање на Младинскиот културен центар ја донеле бидејќи таму нема функционални тоалети.

– Се надеваме дека в година таму ќе биде подобра ситуацијата. Според мене, на тој објект треба веднаш да му се стави клуч. Замислете таму се одржуваат концерти, а не постојат тоалети – додаде директорот на Скопскиот џез-фестивал. 

Во придружната програма на Скопскиот џез-фестивал и годинава ќе има проекција на музички документарец. Два дена пред отворањето на фестивалот, на 13 октомври, од 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе биде прикажан документарниот филм „Пронаоѓањето на вистинските ноти“ (Ron Carter – Finding the right notes) посветен на извонредната 60-годишна кариера на американскиот џез-басист Рон Картер.  

Во рамките на фестивалот, на 17 октомври ќе се одржи и работилница „Џез за деца“ под водство на Гоце Наумов. 

Како и лани, дизајнот на плакатот за годинешното издание на фестивалот е на ликовниот уметник Ѓорѓе (Џоле) Јовановиќ.

Скопскиот џез-фестивал се одржува под покровителство на Министерството за култура и туризам. Како што рече директорот Белопета, оваа година со симболична поддршка се вратил и Град Скопје, а помагаат и повеќе спонзори.