Македонија втора на петтиот Јадранско-подунавски куп во спортски риболов, на Треска


Македонската екипа „Македонија 1“, го освои второ место, во дисциплината лов на грабливки со вештачки мамки од брег, на петиот Јадранско-подунавски куп во спортски риболов, што викендов се одржа на реката Треска во близина на Скопје. 

На натпреварот настапија 17 екипи од шест земји, а во двете натпреварувачки кола беа уловени вкупно 1.676 риби. Првото место го освои екипата на Чешка, додека третопласирана беше Хрватска.

За македонската екипа настапија Давор Рашиќ, Марио Бошковски и Борис Аговски, кои со 141 уловена риба и донесоа на Македонија сребро во екипниот пласман.

Во индивидуалната конкуренција најуспешен беше Чехот Филип Мусил, кој беше прв во својот сектор во двете кола. Втор заврши неговиот сонародник Јан Либјак, додека трет беше Бугаринот Петар Лаков. Лаков воедно имаше и најмногу уловени риби, вкупно 75.

Дел од македонската екипа беше и 17-годишниот гостиварец Марио Бошковски, член на клубот „Мак ДАМ“ од Куманово, кој зад себе веќе има пет години активно натпреварување во спортскиот риболов, а учеството во двете кола му донесе седмо место во генералниот индивидуален пласман, во конкуренција од 51 натпреварувач, со уловени вкупно 60 риби.