„Музички код“: Увертири од најпознатите оперски дела в четврток во Филхармонија
Оркестарот на Македонската филхармонија, в четврток,во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Музички код“ со диригентот Борјан Цанев, на кој ќе бидат изведени увертири од најпознатите оперски дела. Публиката ќе има можност да чуе увертири од оперите на Моцарт, Росини, Вагнер, како и увертирите „Кориолан“ од Бетовен, „Академска фестивалска увертира“ од Брамс и „Свечена увертира“ од Шостакович.
Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20 годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и ,,Ѓорѓи Божиков“ – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија.
Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа е назначен за диригент на Македонската филхармонија, каде останува до 2019 година. Во 2000-2001 Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст. Токму на Кралскиот колеџ ја добива и наградата „Аугуст Манс“ за најдобар млад диригент. Еден од најважните настани од неговата рана кариера е поканата да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис во продукцијата на Моцартовата опера„Дон Џовани“ во Кралскaта оперска школа, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Во периодот 2003-2006 година делува како главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“, а во 2006-2009 е назначен за постојан гост-диригент на Софиската филхармонија.
Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија: Охридско лето, Скопско лето, Мајски оперски вечери, Денови на македонската музика, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: Жорж Енеску, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката – Загреб и др. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Казахстан, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за “FAMES Project” Македонија. Во моментов е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а истовремено продолжува со настапите во неговата поранешна матична куќа – Македонската филхармонија.