Дали реформата на ЕУ ќе ги скрати „крилјата“ на бугарското вето?
Новата европска дебата за проширувањето отвора прашање што ќе се случи со веќе договорените услови меѓу Македонија и Бугарија ако ЕУ го промени начинот на кој носи одлуки во преговарачкиот процес? Токму ова е централната дилема што ја отвора агенцијата БГНЕС оценувајќи дека ризикот за Софија не е ЕК да го заобиколи договореното со Северна Македонија, туку во можноста политичкиот контекст околу проширувањето постепено да го промени начинот на кој договореното ќе се применува.
Според БГНЕС, условот Северна Македонија да ги внесе во Уставот граѓаните што припаѓаат на други народи, меѓу кои и Бугарите, не е ново барање на Софија туку европски компромис од 2022 година. Во заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година се наведува дека следната меѓувладина конференција со Северна Македонија може да биде свикана без дополнително политичко решение откако земјата ќе го исполни преземениот ангажман за уставните измени.Оттука, според анализата на БГНЕС, суштината на спорот не е дали Бугарија сега поставува ново условување, туку дали Северна Македонија ќе го исполни она што веќе било прифатено како дел од европскиот процес.
Токму затоа БГНЕС предупредува на ризикот сегашниот застој да биде претставен повторно како обичен „билатерален спор“ меѓу Софија и Скопје. Таквата интерпретација, според агенцијата, би ја префрлила тежината од исполнувањето на преземената обврска кон барањето за нов политички договор.Каде се појавува новиот ризик?
Според БГНЕС, новата ситуација ја создава пошироката реформа на европската политика за проширување. Комисијата од 2024 година ја разгледува можноста за квалификувано мнозинство при одредени меѓуфази од процесот на проширување, додека затворањето на преговарачките поглавја и конечниот прием на нов член би останале под принципот на едногласност. Европскиот парламент во март 2026 година отиде и чекор подалеку, повикувајќи едногласноста а отпадне за одредени меѓурешенија поврзани со отворањето и затворањето на кластери и поглавја. Ако во текот на преговорите одредени одлуки повеќе не бараат согласност од сите држави членки, Бугарија би имала помала можност самостојно да го блокира напредокот на кандидатот во конкретна фаза, а тоа е различно од правото на вето при самото конечно членство.
Токму оваа разлика ја смета БГНЕС за суштинска. Дури и ако едногласноста биде неопходна за конечниот прием на нова земја членка, губењето на можноста една држава да влијае врз одделни чекори во текот на преговорите би значело промена на нејзината преговарачка позиција.Бидејќи, според БГНЕС, процедурата и суштината на условот не треба да се мешаат.
Промена на начинот на гласање сама по себе не го укинува условот за уставните измени. За тоа би требало да се промени самиот договорен пристап кон Северна Македонија. Но, политичката тежина на условот може да се промени ако се промени механизмот преку кој државите членки влијаат врз преговарачките фази.
Зошто Софија сега гледа внимателно кон Брисел и Скопје?
Временската рамка е важна. На 6 октомври Европската комисија треба да ги претстави таканаречените „прегледи на политиките пред проширувањето“, додека на 15 и 16 октомври европските лидери треба да разговараат за проширувањето и внатрешните реформи на Унијата. Во исто време, Северна Македонија бара средба со Бугарија, а премиерот Христијан Мицкоски ја претставува како можност за ново „одржливо европско решение“.
БГНЕС укажува дека самата средба не е проблем. Напротив, разговор за спроведувањето на договорите, правата на Бугарите во Северна Македонија, политичкиот дијалог и транспортната поврзаност може да биде корисен. Проблемот би настанал доколку билатералниот дијалог стане механизам преку кој веќе договорениот услов повторно би се отворил за преговарање – за негово одложување, замена или фактичко обезвреднување. Најголемиот ризик е условот да стане „билатерален проблем“.
Договорот со Бугарија од 2017 година и Преспанскиот договор се наведени заедно во Преговарачката рамка на ЕУ. И двата се дел од оценката на добрососедските односи и напредокот кон членство. БГНЕС, сепак, забележува дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Скопје го посочила Преспанскиот договор како пример за политичка храброст, но не го споменала договорот со Бугарија.
Самото неспоменување не го брише договорот од европските документи. Но, според БГНЕС, создава асиметрија во политичката порака: едниот договор се третира како европски успех, додека обврските поврзани со другиот ризикуваат повторно се перципирани како обичен билатерален спор.
Софија не стравува само од Скопје, туку и од промена на правилата. Оттука произлегува и пошироката слика. Според БГНЕС, најголемиот ризик за бугарската позиција не е непосредно укинување на условот за Северна Македонија. Такво нешто, според самата анализа, не е договорено. Ризикот е постепено преформулирање на проблемот: од европски услов што треба да го исполни кандидатот, кон билатерално прашање што треба повторно да го решаваат Софија и Скопје.Ако паралелно со тоа се промени и системот на одлучување во ЕУ, Бугарија би можела да има помалку простор да инсистира на исполнување на условот во секоја фаза од преговорите.
Затоа, клучното прашање за Софија не е само дали Северна Македонија ќе влезе во ЕУ и кога. Прашањето е дали условите што еднаш се претворени во дел од европскиот компромис ќе останат такви и во новата архитектура на проширувањето.
БГНЕС заклучува дека најсилната позиција на Бугарија и понатаму е точниот текст на европските одлуки. Забрзувањето на проширувањето има смисла ако значи побрзо исполнување на веќе преземените обврски. Ако, пак, забрзувањето стане аргумент неизвршените обврски да се претставуваат како туѓа блокада, тогаш прашањето веќе не е само за Скопје и Софија, туку за довербата во правилата на самиот европски процес.