Научници од Шкотска и Јапонија за првпат ќе следат зреење на виски во вселената


Токио – „Алкохолниот пијалак Виски за првпат ќе биде дестилиран во вселената. Целта на научниот експеримент е да се увиди како тој зрее надвор од Земјата“, соопшти денеска ДПА.

Експерти во Шкотска и Јапонија планираат во 2028 година да стават шкотско виски во ракета и да лансираат сателит со примероци од виски и житарки од кои ќе се произведува на петгодишна мисија во орбитата на Земјата.

Особено внимание ќе биде посветено на брзите промени на екстремно високите и ниските температури на кои ќе бидат изложени примероците додека сателитот ја обиколува Земјата на секои 90 минути. Според очекувањата на истражувачите, ваквите услови би можеле да го забрзаат процесот на зреење на вискито.

Експериментот потенцијално би можел да го отвори патот за производство на виски што ќе созрева во вселената. Според експертите се очекува дека вискито произведено на ваков необичен начин би можело да има многу силни и интензивни вкусови, токму поради условите низ кои ќе помине за време на патувањето и престојот во орбитата.

По ова, вискито создадено на овој начин би можело да стане исклучително скап производ, во зависност од високите трошоци за лансирање, неговата реткост, повеќегодишниот престој, како и враќањето на Земјата. Во проектот учествуваат стручњаци од Шкотска и Јапонија, а меѓу нив е и Жил Баје од Универзитетот во Глазгов.

– Многу студенти од Шкотска отпатувааа во Јапонија за да помогнат во дизајнирањето на мал сателит од типот „кубсат“, изјави Баје, нагласувајќи дека сателитот ќе биде специјално дизајниран за експериментот и ќе содржи мали примероци од виски, како и житарици и други состојки што се користат за негово производство.

Планираната мисија, која треба да започне во 2028 година и да трае пет години, ќе им овозможи на истражувачите да следат како вселенските услови влијаат врз процесот на созревање и врз карактеристиките на вискито.

– Доколку експериментот ги оправда нашите очекувања, резултатите би можеле да отворат ново поглавје во производство на виски и да создадат целосно нова категорија на пијалак, односно виски што созрева во вселената, заклучуваат експертите.