Додик прогласи победа на изборите во Република Српска: Да не беше Трамп, ќе бевме „мртви“

Етничката поларизација не само што остана, туку и се засили на овие избори


Претседателот на СНСД, Милорад Додик, ја прогласи победата на својата партија на сите нивоа на власт по објавувањето на првите прелиминарни резултати од општите избори во Босна и Херцеговина.

„Прогласувам победа на сите нивоа. Ви благодарам на сите. Ова е резултат сличен на оној од пред 20 години“, рече Додик.

Според првите резултати, СНСД убедливо води меѓу партиите од Република Српска. Нивниот кандидат Жељка Цвијановиќ води во трката за српски член на Претседателството на БиХ со околу 55 проценти од гласовите, додека Маринко Божовиќ од СДС има околу 27 проценти, а Небојша Вукановиќ од партијата за правда и ред има околу 18 проценти.

СНСД води и во трката за Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ меѓу гласачите од Република Српска, каде што според прелиминарните резултати има околу 41 процент од гласовите. По нив следуваат Движењето за безбедна Српска на Драшко Станивуковиќ со околу 15 проценти и СДС со малку повеќе од 13 проценти.

Додик, исто така, го поврза резултатот од изборите со промената на политичката атмосфера во Соединетите Американски Држави по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
 

„Да не беше величествената победа на Трамп, веројатно денес ќе бевме политички мртви, но благодарение на новата средина, сега сме политички победници“, рече тој.

Генерално, на изборите одржани на 4 октомври, трите места во Претседателството на БиХ  ги освоија Денис Беќировиќ како претставник на Бошњаците од СДП БиХ – Социјалдемократска партија, Жељка Цвијановиќ како претставник на Србите од СНСД – Сојуз на независни социјалдемократи и Даријана Филиповиќ како претставник на Хрватите од ХДЗ БиХ – Хрватска демократска заедница.

Ова се прелиминарни податоци од Централната изборна комисија на БиХ, засновани на резултати од повеќе од 90 насто од избирачките места.

Водечката бошњачка партија – Партијата за демократска акција (СДА) – се враќа на политичката сцена во БиХ поткрепена со солидни изборни резултати. Покрај ХДЗ БиХ, СНСД и Социјалдемократската партија (СДП) БиХ, таа ќе има најголем број пратенички места во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ. СДА освои и најмногу мандати во Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ, пред СДП и ХДЗ БиХ.

Етно-националните партии остварија победи и во девет кантони во Федерацијата БиХ, но во Кантонот Сараево се соочуваат со силна конкуренција од СДП и Партијата за БиХ.

Во Република Српска СНСД на Милорад Додик ја задржа водечката позиција. Според прелиминарните резултати,  неговиот кандидат Саво Миниќ  води во трката за претседател на РС, додека СНСД води на изборите за Народното собрание на Република Српска. Бакир Изетбеговиќ, лидерот на СДА, не освои место во државното Претседателство, додека Даријана Филиповиќ ја задржа предноста пред кандидатот на Демократскиот фронт (ДФ) Славен Ковачевиќ и независниот кандидат Зденко Лучиќ.

Политичките пораки по изборите главно се движеа во рамките на постоечките поделби. Денис Беќировиќ порачува дека „слободарска, антифашистичка и граѓански ориентирана БиХ е жива“. Изетбеговиќ и покрај поразот оценува дека СДА на сите нивоа е засилена и дека ќе игра клучна улога во формирањето на власта. Од ХДЗ во БиХ истакнуваат дека партијата ја потврдила својата позиција како водечка политичка сила меѓу Хрватите, нагласувајќи ја рамноправноста и изборот на легитимни претставници, додека Милорад Додик најави дека ќе продолжи до својот досегашен политички курс.

Жељко Комшиќ, лидерот на ДФ, го толкува резултатот како последица на „етничка хомогенизација“ и како знак дека „наративот за граѓанска држава не е нешто што народот на Босна и Херцеговина го прифаќа“. Директорот на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ, изборните резултати исто така ги доживува како потврда дека Босна и Херцеговина останува во рамките на етничкиот политички модел. СНСД ја зацврсти својата позиција во Република Српска, а ХДЗ БиХ меѓу хрватското гласачко тело, додека СДА се врати како водечка бошњачка политичка партија.

„Тоа значи дека етничката политичка застапеност и натаму ќе биде доминантна“, вели Беќировиќ. Истовремено, ниту една национална партија не може сама да управува со земјата. Токму затоа клучен тест ќе бидат формирањето функционална власт и постигнување политички договор. Според Бекировиќ, „Тројката“ не успеала да ја „капитализира“ власта на државно ниво во изминатите четири години, а излезноста за него е една од најважните пораки на изборите.

„Кога едвај нешто повеќе од 40 отсто од гласачите излегуваат на избори, тоа е сериозно предупредување. Тоа ја покажува длабоката недоверба на граѓаните кон политичкиот систем и ја доведува во прашање политичката тежина на изборниот резултат“, заклучува тој.