Јаневска: Ниту еден студент кој ги исполнува условите нема да остане без соба


Фото: Б. Грданоски

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, потврди дека во Министерството пристигнале две иницијативи за подобрување на студентскиот стандард, за кои во моментов се вршат анализи и пресметки.

Осврнувајќи се на барањата и буџетските можности, министерката Јаневска истакна:

– Ние ги анализираме и правиме пресметки и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение во рамките на нашите буџетски можности и тоа ќе им биде соопштено на студентите. Јас исто така повеќепати сум рекла дека ќе има приоритети и еве, ова е приоритет – нивното живеење и нивните услови за учење се приоритет. За еден-еден и пол месец и пол ќе се видиме во Кузман и тоа се, јас ги кажав средствата кои се трошат.

Министерката додаде дека во изминатиот период се инвестирало и во опремување на факултетските лаборатории:

– Односно нагледните средства, каде што тие учат и работат. Така што верувам дека и сите нивни барања со тек на време ќе ги исполниме, повторувам, во рамки на буџетските можности.

Нагласувајќи дека сместувањето се одвива според планот, Јаневска потврди дека сите редовни студенти што ги исполнуваат условите ќе добијат свое место во домовите.