Американските сили се повлекоа од последните бази во Ирак, стравувања од безбедносен вакуум


Багдад – Американските сили денеска се повлекоа од преостанатите свои бази во Ирак, предизвикувајќи стравувања дека зад себе оставаат безбедносен вакуум што би можел да ги зајакне проиранските милиции и да доведе до прегрупирање на Исламската држава.

Повлекувањето што го поздравија Иран и неговите сојузници, беше договорено во 2024 година, за време на претседателствувањето на Џо Бајден, а се спроведува во услови на војна против Иран кој има свое влијание и во Ирак преку одредени вооружени групи.

Повлекувањето се случува 23 години откако американските сили го соборија од власта Садам Хусеин, што предизвика бунт и хаос во државата во која подоцна се појави џихадистичката организација Исламска држава.

Иако Ирачаните се задоволни од заминувањето на американските војници, постојат стравувања дека безбедносните сили што ги финансираа и обучуваа САД, не се во состојба да ја заштитат земјата во која за изминатите 20 години загинаа повеќе од 4.500 Американци.

Американските сили го нападнаа Ирак во 2003 година и практично ја окупираа земјата, поставија шиитска влада и се бореа против лојалистите на Садам, а потоа и против Ал Каеда, пред да се повлечат кон крајот на 2011 година. Тие се вратија три години подоцна за да им помогнат на ирачките сили да ја поразат сунитската Исламска држава во војната од 2014 до 2017 година.

Во операцијата „Ирачка слобода“ загинаа двојно повеќе Американци отколку во војната во Авганистан, од која американската војска хаотично се повлече во 2021 година.