За тиранијата | Дваесет лекции од дваесеттиот век (10)

Што е патриотизам, а што не е

Политичарите на вечноста ни го претставуваат минатото како огромна, магловита арена исполнета со нејасни споменици на националното страдање

Тимоти Снајдер

Националистот нè поттикнува да го покажеме своето најлошо лице, а потоа ни вели дека сме најдобри. Националистот, „иако бескрајно размислува за моќта, победата, поразот и одмаздата“, како што напиша Орвел, е склон кон тоа да биде „незаинтересиран за она што се случува во реалниот свет“

Американскиот историчар Тимоти Снајдер во 2017 година објави една куса книга „За тиранијата“ во која ги искористи најтемните моменти во историјата на дваесеттиот век, од нацизмот до комунизмот, за да претстави дваесет лекции за отпорот на современиот авторитаризам. Таа беше напишана пред за првото претседателство на Доналд Трамп и оттогаш се користи во САД и низ целиот свет. Снајдер е професор по историја на Универзитетот Јеил и е специјализиран за историјата на Централна и Источна Европа, Советскиот Сојуз и холокаустот.

Оваа книга сега, кога Трамп е повторно во Белата куќа и кога бројот на авторитарните лидери низ западната демократија се зголемува, станува сѐ позначајна. Всушност, таа се претвора во манифест на слободумниот свет за борба против „лидерите“ кои го претставуваат народот, а сите други се помалку вредни, па дури и непријатели.

„Независен“ во фељтон ја пренесе оваа книга-прирачник. Ова возбудливо четиво со историски реминисценции ја нагласува важноста да се биде активен, свесен и посветен учесник во јавниот живот и отпорот кон авторитарните тенденции.

 

* * * * *

19  Биди патриот

Што е патриотизам? Да почнеме со она што патриотизмот не е. Не е патриотски да се избегнува воената служба и да се исмејуваат воените херои и нивните семејства. Не е патриотски да се врши дискриминација врз активни припадници на вооружените сили во сопствените компании, ниту да се води кампања за да се спречи пристапот на ветерани со инвалидитет до сопствениот имот. Не е патриотски да се споредува потрагата по сексуални партнери во Њујорк со воената служба во Виетнам, која лично сте ја избегнале. Не е патриотски да се избегнува плаќањето даноци, особено кога американските работнички семејства тоа го прават. Не е патриотски да се бара од тие американски семејства – кои работат и плаќаат даноци – да ја финансираат вашата претседателска кампања, а потоа тие прилози да се трошат во вашите сопствени компании. Не е патриотски да им се восхитувате на странски диктатори. Не е патриотски да негувате односи со Моамер Гадафи, или да тврдите дека Башар ал-Асад и Владимир Путин се супериорни лидери. Не е патриотски да ја повикувате Русија да интервенира на американските претседателски избори. Не е патриотски да цитирате руска пропаганда на митинзи. Не е патриотски да делите советник со руски олигарси.

Не е патриотски да барате совети за надворешна политика од некој што поседува акции во руска енергетска компанија. Не е патриотски да читате говор за надворешна политика напишан од некој што е на платен список на руска енергетска компанија. Не е патриотски да именувате советник за национална безбедност кој земал пари од руски пропаганден орган. Не е патриотски за државен секретар да именувате нафтен магнат со руски финансиски интереси, кој е директор на руско-американска енергетска компанија и кој го добил „Орденот на пријателството“ од Путин.

Поентата не е дека Русија и Америка мора да бидат непријатели. Поентата е дека патриотизмот подразбира служење на сопствената земја.

Претседателот е националист, што воопшто не е исто што и патриот. Националистот нè поттикнува да го покажеме своето најлошо лице, а потоа ни вели дека сме најдобри. Националистот, „иако бескрајно размислува за моќта, победата, поразот и одмаздата“, како што напиша Орвел, е склон кон тоа да биде „незаинтересиран за она што се случува во реалниот свет“. Национализмот е релативистички, бидејќи единствената вистина е огорченоста што ја чувствуваме кога размислуваме за другите. Како што рекол романописецот Данило Киш, национализмот „не поседува универзални вредности, ниту естетски ниту етички“.

Патриотите, пак, сакаат нацијата да ги остварува своите идеали, што подразбира повик до нас да го дадеме најдоброто од себе. Патриотот мора да биде посветен на реалниот свет – единственото место каде што неговата земја може да биде сакана и одржувана. Патриотот поседува универзални вредности и мерила според кои ја оценува својата нација, секогаш посакувајќи ѝ добро – и посакувајќи таа да биде подобра.

Демократијата доживеа неуспех во Европа во 20-те, 30-те и 40-те години на минатиот век, а денес таа потфрла не само во голем дел од Европа, туку и во многу делови од светот. Токму таа историја и тоа искуство ни ги откриваат мрачните сценарија за нашата можна иднина. Националистот ќе рече дека „тоа не може да се случи овде“, што е првиот чекор кон катастрофа. Патриотот вели дека тоа може да се случи овде, но дека ние ќе го спречиме.

 

20 Биди што е можно похрабар.

Ако никој од нас не е подготвен да умре за слободата, тогаш сите ќе умреме под тиранија.

 

—————————-

Епилог

Историја и слобода

Во драмата „Хамлет“ на Шекспир, главниот лик е доблесен човек кој со право е шокиран од наглиот подем на еден злобен владетел. Прогонуван од визии и совладан од кошмари, осамен и отуѓен, тој чувствува дека мора да го преобликува своето чувство за времето. „Времето е изместено“, вели Хамлет. „О, проклетство,/ што се родив за да го поправам!“ И нашето време е секако изместено. Ја заборавивме историјата од една причина, а ако не внимаваме, ќе ја занемариме и од друга. Ќе мораме да го поправиме сопственото чувство за времето ако сакаме да ја обновиме нашата посветеност кон слободата.

До неодамна, ние Американците се убедувавме себеси дека во иднината нема да има ништо друго освен повторување на истото. Навидум далечните трауми на фашизмот, нацизмот и комунизмот како да тонеа во безначајност. Дозволивме да ја прифатиме политиката на неизбежност – чувството дека историјата може да се движи само во еден правец: кон либералната демократија. По падот на комунизмот во Источна Европа во периодот 1989–1991 година, го прифативме митот за „крајот на историјата“. Со тоа, ја спуштивме одбранбената готовност, ја ограничивме имагинацијата и го отворивме патот токму за оние видови режими за кои си велевме дека никогаш повеќе не можат да се вратат.

На прв поглед, секако, политиката на неизбежност изгледа како еден вид историја. Политичарите што ја застапуваат неизбежноста не негираат дека постојат минато, сегашност и иднина. Тие дури и ја признаваат шароликоста на далечното минато. Сепак, тие ја прикажуваат сегашноста едноставно како чекор кон иднина што веќе ја познаваме – иднина на ширење на глобализацијата, продлабочување на разумот и растечки просперитет. Тоа се нарекува телеологија: наратив за времето што води кон одредена, обично посакувана цел. И комунизмот нудеше телеологија, ветувајќи неизбежна социјалистичка утопија. Кога таа приказна се урна пред четврт век, извлековме погрешен заклучок: наместо да ги отфрлиме телеологиите, си замисливме дека нашата сопствена приказна е вистинита.

Политиката на неизбежност претставува самонаметната интелектуална кома. Сè додека постоеше натпревар меѓу комунистичкиот и капиталистичкиот систем, и сè додека сеќавањето на фашизмот и нацизмот беше живо, Американците мораа да ѝ посветуваат одредено внимание на историјата и да ги зачувуваат концептите што им овозможуваа да замислуваат алтернативни иднини. Но, штом ја прифативме политиката на неизбежност, претпоставивме дека историјата повеќе не е релевантна. Ако сè во минатото е водено од некоја позната тенденција, тогаш нема потреба да се учи за деталите.

Политиката на вечноста приредува еден вид историска маскенбалска претстава. Таа се занимава со минатото, но на начин што е целосно свртен кон себеси и лишен од каква било вистинска грижа за фактите

Прифаќањето на неизбежноста го ограничи начинот на кој зборувавме за политиката во дваесет и првиот век. Тоа ја задуши дебатата за политиките и придонесе за создавање партиски системи во кои една политичка партија го бранеше статус квото, додека другата предлагаше целосно негирање. Научивме да велиме дека „не постои алтернатива“ за основниот поредок на нештата – став што литванскиот политички теоретичар Леонидас Донскис го нарече „течно зло“. Штом неизбежноста се зеде здраво за готово, критикувањето навистина стана лизгав терен. Она што изгледаше како критичка анализа честопати поаѓаше од претпоставката дека статус-квото всушност не може да се промени, и со тоа индиректно го зацврстуваше.

Некои зборуваа критички за неолиберализмот, односно за чувството дека идејата за слободниот пазар некако ги потиснала сите други. Тоа беше точно, но самата употреба на тој збор обично претставуваше понизно приклонување пред една непроменлива хегемонија. Други критичари зборуваа за потребата од „нарушување“ (disruption), позајмувајќи термин од анализата на технолошките иновации. Кога се применува во политиката, тој повторно ја носи импликацијата дека ништо навистина не може да се промени, односно дека хаосот што нè возбудува на крајот ќе биде апсорбиран од саморегулирачки систем. Човекот што трча гол низ фудбалскиот терен секако предизвикува нарушување, но не ги менува правилата на играта. Целиот концепт на нарушување е адолесцентен: тој претпоставува дека откако тинејџерите ќе направат неред, возрасните ќе дојдат и ќе го расчистат.

Но, возрасни нема. Овој неред е наш.

—

Вториот антиисториски начин на гледање на минатото е „политиката на вечноста“. Како и политиката на неизбежноста, и политиката на вечноста приредува еден вид историска маскенбалска претстава, иако поинаква по природа. Таа се занимава со минатото, но на начин што е целосно свртен кон себеси и лишен од каква било вистинска грижа за фактите. Нејзиниот дух е обележан со копнеж по минати моменти што всушност никогаш не се случиле, сместени во епохи што, всушност, биле катастрофални. Политичарите на вечноста ни го претставуваат минатото како огромна, магловита арена исполнета со нејасни споменици на националното страдање – сите тие подеднакво оддалечени од сегашноста и подеднакво погодни за манипулација. Секое повикување на минатото како да подразбира напад од некаков надворешен непријател врз чистотата на нацијата.

Националните популисти се политичари на вечноста. Нивната омилена референтна точка е ерата кога демократските републики изгледале поразени, а нивните нацистички и советски ривали – незапирливи: 1930-те години. Оние што се залагаа за „Брегзит“ – излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија – замислуваа британска национална држава, иако такво нешто никогаш не постоело. Постоеше Британска Империја, а потоа и Британија како членка на Европската унија. Потегот за одвојување од ЕУ не е чекор назад кон цврсто тло, туку скок во непознатото. Вознемирувачки е тоа што, кога судиите изјавија дека за „Брегзит“ е потребно парламентарно гласање, еден британски таблоид ги нарече „непријатели на народот“ – термин од сталинистичките монтирани процеси во 1930-те. Националниот собир во Франција ги повикува гласачите да ѝ свртат грб на Европа во име на една имагинарна предвоена француска национална држава. Но, Франција, исто како и Британија, никогаш не постоела без империја или без европски проект. Лидерите на Русија, Полска и Унгарија, исто така, прават слични гестови кон идеализираната слика за 1930-те години.

Во својата кампања од 2016 година, американскиот претседател го користеше слоганот „Америка на прво место“ (America First) – име на комитет што се обидуваше да ги спречи Соединетите Држави да ѝ се спротивстават на нацистичка Германија. Стратешкиот советник на претседателот ветува политики што ќе бидат „возбудливи како оние од 1930-те“. Кога точно се случувало она „повторно“ од претседателскиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“? Насока: тоа е истото „повторно“ што го среќаваме во фразата „Никогаш повеќе“. Самиот претседател ја опиша промената на режимот во стилот на 1930-те како решение за проблемите на сегашноста: „Знаете што го решава тоа? Кога економијата ќе колабира, кога земјата ќе отиде по ѓаволите и сè ќе стане катастрофа.“ Според него, она што ни треба се „немири за да се вратиме таму каде што бевме кога бевме големи“.

Во политиката на вечноста, заведувањето од митологизираното минато нè спречува да размислуваме за можните иднини. Навиката да се задржуваме на статусот на жртва го тапи импулсот за самокорекција. Бидејќи нацијата се дефинира преку својата вродена доблест, а не преку својот иден потенцијал, политиката станува расправа за доброто и злото, наместо расправа за можни решенија на реални проблеми. Бидејќи кризата е трајна, чувството на итност е секогаш присутно; планирањето на иднината изгледа невозможно, па дури и како чин на нелојалност. Како воопшто можеме да размислуваме за реформи кога непријателот е секогаш пред портите?

Ако политиката на неизбежноста е како кома, политиката на вечноста е како хипноза: вперен е погледот кон вителот на цикличниот мит сè додека не паднеме во транс – а потоа правиме нешто шокантно по туѓа наредба.

Опасноста со која сега се соочуваме е преминот од политиката на неизбежноста кон политиката на вечноста, од наивна и несовршена демократска република кон збунета и цинична фашистичка олигархија. Политиката на неизбежноста е крајно ранлива на видот на шок што тукушто го доживеа. Кога нешто ќе го разбие митот, кога нашето време ќе излезе од својот тек, очајнички бараме друг начин да го организираме она што го доживуваме. Патот на најмал отпор води директно од неизбежноста кон вечноста. Ако некогаш сте верувале дека на крајот сè секогаш завршува добро, може да ве убедат дека на крајот ништо не завршува добро. Ако некогаш не сте преземале ништо бидејќи сте мислеле дека напредокот е неизбежен, тогаш можете да продолжите да не преземате ништо бидејќи мислите дека времето се движи во циклуси што се повторуваат.

И двете позиции – неизбежноста и вечноста – се антиисториски. Единственото нешто што стои меѓу нив е самата историја. Историјата ни овозможува да согледаме обрасци и да носиме судови. Таа ни ги скицира структурите во кои можеме да ја бараме слободата. Таа ни открива моменти – секој од нив различен, но ниту еден целосно уникатен. Да се ​​разбере еден момент значи да се види можноста да се биде сосоздавач на друг. Историјата ни дозволува да бидеме одговорни: не за сè, туку за нешто. Полскиот поет Чеслав Милош смета дека таквото сфаќање за одговорноста делува против осаменоста и рамнодушноста. Историјата ни го нуди друштвото на оние што направиле и претрпеле повеќе од нас.

Прифаќајќи ја политиката на неизбежноста, одгледавме генерација без историја. Како ќе реагираат овие млади Американци сега, кога ветувањето за неизбежност е толку очигледно прекршено? Можеби ќе се лизнат од неизбежноста кон вечноста. Треба да се надеваме дека, наместо тоа, би можеле да станат историска генерација, отфрлајќи ги стапиците на неизбежноста и вечноста што постарите генерации ги поставиле пред нив. Едно е сигурно: ако младите луѓе не почнат да создаваат историја, политичарите на вечноста и неизбежноста ќе ја уништат. А за да создаваат историја, младите Американци ќе мора да знаат нешто за неа. Ова не е крај, туку почеток.

„Времето е изместено. „О, проклетство,/ што се родив за да го поправам!“ – вели Хамлет. Сепак, тој заклучува: „Не, ајде, да тргнеме заедно“. (Крај)