Тошковски: И европските држави можат да ни завидат за имплементирањето на одредени проекти


Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на расправа на  Националната конвенција за Европската унија  (НКЕУ-МК) порача дека, наместо декларативни заложби, во земјава е потребно вистинско и конкретно работење за да се имплементираат европските вредности и стандарди. ​Обраќајќи им се на присутните амбасадори, европски претставници и експерти, Тошковски посочи дека е дојдено време Македонија со конкретни резултати и проекти да покаже дека е посветена на евроинтегративниот пат. Тој истакна дека секоја институција, организација и поединец треба да дадат личен пример во тој процес.

​-Мислам дека е крајно време во Македонија, освен тоа што говориме дека сме посветени на патот кон евроинтеграциите и дека сакаме да бидеме дел од европското семејство, говириме за европски вредности, малку да почнеме и да поработиме на тие европски вредности , рече  Тошковски.
 

Тој додаде дека е потребно сите без разлика во која сфера делуваат да покажат со конкретни резултати и личен пример дека се залагаат за тие европски вредности.

-Да покажеме со конкретни резултати, со конкретни проекти, да покажеме со конкретни дела, со личен пример и да покажеме со пример во рамки на институцијата во којашто сме, да покажеме со личен пример во рамки на невладината организација во којашто сме, да покажеме со личен пример во рамки на обвинителството, да покажеме со личен пример во рамки на судството, да покажеме со личен пример во рамки на општините, да покажеме со личен пример во рамки на секоја една институција, порача Тошковски.

Министерот нагласи дека е добро да се има поддршката од сите релевантни чинители и да се соработува со нив, но напомена дека е потребно принципите на праведност и правичност, кои важат за останатите да важат и за нас.

 

-Добро е да соработуваме. Добро е да вложуваме во нашиот европски пат, но добро е принципите на нормалност, праведност, правичност, право, правда, еднаквост, реципроцитет, исполнителност и така натаму, кои се дел од основните принципи во рамките на еден нормален правен поредок, како што важат за останатите, така да важат и за нас, рече Тошковски.

​Тој се осврна и на досегашните искуства на земјата во односите со меѓународните и европските партнери, истакнувајќи ја важноста од заемна почит и признавање на вложениот труд. Тошковски истакна дека сите реформи кои се преземаат треба пред сè да бидат во корист на подобрување на животниот стандард на домашните граѓани.

​-Добро е кога во еден процес, кога даваш максимум од себеси и притоа чесно и посветено работиш на подобрување на условите во својата држава, тоа да биде признаено – потенцираше министерот и додаде дека е потребно да се согледа дека проблемите со кои се соочува Македонија не се поврзани исклучиво со право, правда, усогласување, современи демократски вредности, туку со други работи, кои, вели, за жал досега за Македонија и македонските граѓани се покажале како погубни. Притоа нагласи дека многупати досега сме биле биле излажани во процесот, „ сме требале да дадеме нешто за да добиеме нешто, а притоа сме дале речиси сè, а многу малку сме добиле од она што сме очекувале и дека треба да го добиеме и она што е праведно и правично“.

-Не заради тоа што треба некој да ни донира нешто, не заради тоа што треба некој да ни даде нешто, туку заради тоа што тоа сме го заслужиле, сме го сработиле. Сме дале многу енергија во рамките на тој процес и полека, полека има видливи резултати  и навистина може и добар дел од европските држави да ни завидат за имплементирањето на одредени проекти, порача министерот за внатрешни работи.

Тој оцени дека работата треба пред се сами да си ја завршиме.

​-Ние самите треба да ги засукаме ракавите и да си ја сработиме работата којашто треба да си ја сработиме, а сите многу добро знаеме што треба да направиме. Треба да имплементираме проекти, треба да видиме резултати, сè со цел да оставиме подобра Македонија од онаа што денес ја имаме. Мислам дека нашите деца заслужуваат подобра Македонија од онаа во која што денес живееме, заклучи Тошковски.