Македонија заглавена во место со кредитниот рејтинг. Тој е шпекулативен, а не инвестициски
Други земји од регионот веќе се стекнаа со инвестициски рејтинг: Бугарија и Србија од најблиското соседство, а далеку пред нас се Словенија и Хрватска
Дали актуелниот кредитен рејтинг на Македонија од ББ+ со стабилен изглед треба да нѐ радува или пак, да нѐ загрижува? И дали Македонија во догледно време може да направи исчекор и од зоната на шпекулативен кредитен рејтинг да исчекори во групата земји со инвестициски рејтинг (како Бугарија, Хрватска, Србија), што ќе овозможи поповолно задолжување на финансиските пазари, и повеќе странски инвестиции со сите позитивни ефекти врз растот на БДП, вработувањето и тн.
Ова прашање се наметна откако политичките партии неодамна сосема различно ја претставија оцената на „Фич“, една од трите најголеми агенции за оцена на кредитниот рејтинг, која го потврди нивото ББ+ со стабилен изглед, исто како и во претходниот извештај една година претходно.
За премиерот Христијан Мицкоски, потврдувањето на кредитниот рејтинг од страна на „Фич“ е „уште една лоша вест за опозицијата која што тажи и жали зашто Македонија оди напред“, а за СДСМ, Мицкоски „слави бројка што не се мрднала“ посочувајќи дека и во 2024 година кредитниот рејтинг на државата беше ВВ+, а ВВ+ останува и во 2026 година. „Тоа не е напредок. Тоа е исто“, реагираа од опозициската партија.
Економистите кои ги консултираше „Независен“ се песимисти дека Македонија во наредниот период може да напредува кон инвестициски кредитен рејтинг. Тие велат дека кредитниот рејтинг кој периодично го објавува „Фич“ и други реномирани институции (во нашиот случај „Стандард и Пурс“, а третата голема агенција е „Мудис“), на своите соодветни скали ја покажува способноста на една држава да го сервисира својот долг. Иако е тоа примарниот показател, тој покажува и колку државата понатаму е во можност поволно или понеповолно да се задолжува, а посебно е релевантен за странските инвеститори.
Бранимир Јовановиќ, од реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии на прашањето дали можеме да исчекориме кон инвестициски рејтинг, вели: „Краткиот одговор е – нема шанси во блиска иднина“.
Кире Наумов, кој беше на чело на Развојната банка како главен извршен директор, а претходно и дополнителен заменик–министер за финансии е уште поконкретен. Тој смета дека ако до поодамна оваа оцена од ББ+, кој е сѐ уште во категоријата шпекулативен, беше за нас некое достигнување, предолгото замрзнување во него веќе не е некој успех.
„Тој по некоја дефиниција нѐ става на повисока стапки на каматни трошоци пред странските кредитори кои ја надрградуваат каматната стапка над нивото на маргината од овој рејтинг, а никако пониско. Можеби уште повеќе згрижува што долго не успеваме да го достигнеме нивото на ББ+ со позитивен изглед како Србија, туку сме замрзнати на стабилен изгед“, вели Наумов за „Независен“.
Тој додава дека она за што не треба многу економско знаење е фактот дека покрај економските, фискалните и монетарни параметри кои ги оценува „Фич“, општата стабилност на државата и нејзините перспективи имаат големо влијание во креирањето на рејтингот.
„Нема никаков сомнеж дека и со задржување на истите моментални фискални и монетарни позиции, сосема мал формален напредок во евроинтеграцискиот процес ќе донесе веднаш напредок во наредните две објави на рејтигот и од ‘Фич’, па и од останатите вакви рејтинг институции. Без овој чекор, мислам дека на краток или среден рок, тој може само да стагнира или да се намали“, вели Наумов, посочувајќи дека ваквиот благ песимизам произлегува од тоа што скоро е извесно дека и монетарната и фискалната политика од сегашна перспектива ќе останат замрзнати на овие политики.
Наумов објаснува дека од перспектива на „Фич“, де факто фиксниот курс е добра политика (и тоа е така за сите наши сегашни и идни кредитори), а високото ниво на девизни резерви кое секогаш може и ќе се надополнува со нови надворшни задолжувања несомнено е адекватно за овој рејтинг од ББ+. Во делот на фискалната политика дефицитот, кој несомнено после последниот ребаланс, а и идниот кој тивко се најавува и кој, да се надеваме, нема да надмине многу над 4% од БДП, навестува движења дека сигурно и следнате две години станува невозможно таргетирањето на магичните 3% кои би можеле да влијаат на некое благо подобрување барем кон ББ+ со позитивен изглед.
„И, секако, она што во овој извештај помина помалку коментирано, а мислам дека во следниот ‘Фич’ ќе има поголем фокус, се државните гаранции кон јавните претпријатија. Тие овој пат само наведуват дека државните гаранции се фискален ризик кои во првата половина од оваа година изнесуваат 6,8 отсто од БДП. При тоа 4,1 отсто отпаѓаат на ЈПДП. Дополнително наведуваат заостанати долгови на државните претпријатија кои се во износ од 3,8 отсто“, вели Наумов.
Тој смета дека со ваква моментална состојба, а и од она што може да се насети како најава на идни политика од страна на креаторите, нема позитивна перспектива за подобрување на рејтингот најмалку во наредните 2–3 години.
Агенцијата „Фич“ во последниот извештај за нашата земја од 11 овој месец, вели дека рејтингот ББ+ на Северна Македонија е поддржан од поповолни показатели за управување и повисок БДП по глава на жител во споредба со медијаните на земјите-пандани, посветеноста на процесот на пристапување кон ЕУ кој делува како сидро за реформи на среден рок, како и од докажаната кредибилна и доследна монетарна политика што ја поткрепува долготрајната де факто врзаност на курсот на националната валута за еврото. Наспроти овие фактори стојат малата големина на економијата, високиот сооднос меѓу државниот долг и БДП, како и големите дефицити на тековната сметка.
Од „Фич“ како клучни фактори за рејтингот ги наведуваат значителните фискални дефицити, слабото фисклано сидро, високиот дефицит на тековната сметка, зголемувањето на надворешниот долг и тн, иако ги нотираат и повисоката реализација на капиталните инвестиции и подобрените изгледи за раст на БДП.
Како фактори кои, поединечно или колективно, би можеле да доведат до намалување на рејтингот се посочуваат јавните финансии, односно „значително зголемување на долгот/БДП на општата влада на среден рок, на пример, поради неуспех во спроведувањето на кредибилна стратегија за фискална консолидација“, потоа надворешнтеи финансии, односно притисокот врз девизните резерви предизвикано од значително влошување на надворешната позиција.
Од друга страна како фактори кои би можеле да доведат до надградба на рејтингот, се наведуваат повторно јавните финансии односно „остро и одржливо намалување на долгот/БДП на општата влада во согласност со подобрувањето на фискалното управување и кредибилитетот на политиката“, како и структурно/макро подобрување, односно „подобрување на среднорочните перспективи за раст или стандардите за управување, на пример, преку демонстриран напредок кон пристапување кон ЕУ“.
За разлика од Македонија, која со години „тапка“ во место со оцените на нејзиниот кредитен рејтинг, па дури и со изгледите кои се составен дел од завршната оцена (стабилен, негативен, позитивен), други земји од регионот веќе се стекнаа со инвестициски рејтинг. Тоа најдобро се гледа во примерот на Бугарија, која има инвестициски рејтинг. Во мај годинава, агенцијата „Стандард и Пурс“ дури го подобри нивниот изглед во позитивен, нотирајќи го нискиот јавен долг (под 30 отсто од БДП) и влезот во еврозоната, што придонесува Бугарија да плаќа најниски камати кога позајмува пари.
Големиот скок направи и Србија која успеа да се пробие во елитната зона на земји со инвестициски рејтинг според „Стандард и Пурс“, а „Фич“ во јули годинава го потврди нејзиниот рејтинг на BB+ со позитивен изглед, што значи дека е на чекор од инвестициски статус и кај оваа агенција. Силен адут на Србија е привлекувањето на странски директни инвестиции (СДИ) и диверзифицираната економија.
Албанија е во ист „кош“ со Македонија, и иако е за нијанса послабо оценета и се соочува со слични структурни проблеми во правосудството и сивата економија како и нашата земја, напредува на планот на евроинтеграциите и во текот на 2026 година бележи позитивни пазарни импулси и силен раст во туризмот и градежништвото. „Мудис“ неодамна го подобри изгледот во позитивен поради фискален напредок.
Споредбата е уште понеповолна ако се прави со Словенија и Хрватска, кои со години покажуваат напредок во оцените на кредитните агенции. Словенија е на врвот меѓу земјите од Централна и Источна Европа со висок рејтинг АА според „Стандард и Пурс“ што се должи на нејзината силна економска отпорност, високата продуктивност и постојаниот пад на јавниот долг. „Фич“ го зголеми рејтингот на Словенија на А+ на крајот од минатата година. Хрватска забележа рекорден пораст на инвестициите. „СиП“ го зголеми рејтингот на Хрватска на чисто ниво А, што е историски максимум за земјата. „Мудис“ и „Фич“ ја одржуваат Хрватска на нивоата А3 и А-, соодветно, истакнувајќи ги придобивките од членството во еврозоната, стабилната фискална политика и приливот на средства од ЕУ.
Иако Македонија покажува отпорност за да го задржи „стабилниот“ статус, главната кочница што ја одвојува од Србија и Бугарија е бавниот економски раст и одложувањето на фискалните реформи (како Законот за буџети), па затоа инвеститорите на меѓународниот пазар ја перцепираат отприлика како Албанија — како солиден пазар во развој, но со задолжителна претпазливост.
Сето ова покажува дека пред Македонија стои долг период на структурни реформи доколку сака да направи исчекор, прво кон постојната оцена со позитивен изглед, а потоа и да ја прескокне границата од шпекулативен кон инвестициски рејтинг, секако доколку има политичка воља за спроведување на неопходните реформи, борбата против корупцијата, намалување на сивата економија и почнување на преговорите за членство во ЕУ.