На Балканот никој не ги гледа своите воени злосторства

Од вчера има обиди во оваа косовска национална драма да се вовлече и Македонија. По сѐ изгледа нема крај на етничкото слепило во регионот


Хашим Тачи во судницата во Хаг

 

Одлуката на Специјалниот суд за Косово во Хаг да ги осуди над 80 години затвор лидерите на ОВК за воени злосторства ги разгоре старите меѓуетнички фрустрации и покажа колку малку политичките елити и граѓаните во регионот научиле од историските лекции. Културата на неказнивост исто така доживеа ерупција, што се виде и од протестите на Албанците (од сите држави каде што живеат) во Хаг и во Приштина.

Најмизерно изгледаа политичките лидери на Албанците, освен Албин Курти кој по сѐ изгледа  го пушти Хашим Тачи низ вода иако го бранеше, бидејќи не сака да си ја загрозува и онака нестабилната позиција и не му треба назад во Приштина да му биде политичка конкуренција. Јавно, сепак, и тој ја спореше одлуката на Хаг, иако никој разумен не гледа причина зошто по толку голема меѓународна помош – дипломатска и безбедносна – некој би носел неправедни одлуки за водството на ОВК, особено што западните земји тогаш го поддржуваа. По сѐ изгледа нема крај на етничкото слепило во регионот, при што едни слават, други плачат – а никој не сочуствува со жртвите. 

Од вчера има обиди во оваа косовска национална драма да се вовлече и Македонија која, пак,  својата пресуда од Хаг си ја прифати без вакво насилство и нема зошто да отвора спор со судот за одбивањето на Албанците да ја прифатат одлуката која им ја урива светлата историја за Косово.

Во тој стил денес беше реакцијата на СДСМ, која единствена реагираше на пресудата, за разлика од власта која се однесува како ништо да не се случило, иако нејзини највисоки преставници даваат изјави кои можат да нѐ стават во ист „кош“ со Србија по славењето на Ратко Младиќ како српски херој.

Токму вчера од Стразбур претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека во ЕУ нема место за тие што не се однесуваат според европските вредности и што слават воени злосторници, така што најмалку што ни треба во моментов е, заради политичкиот рејтинг на Влен или на ДУИ, Македонија да добие уште една рампа во Брисел. И тоа во ситуација кога Албанците во државата очекуваат од македонската етничка заедница да направи жртва околку прашања што ги чувствува како загрозувачки за идентитетот како нација, а овде ги уриваат шансите на Македонија заради политичките интереси на странска држава, макар била и албанска, т.е. косовска.

Во тој контекст СДСМ денес ги нарече „крајно несоодветни“ изјавите на претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи е претставник на држава што сака да биде дел од ЕУ, со лична порака – дека не може да има двојни аршини во однос на правдата.

„Специјализираните совети во Хаг донесоа првостепена пресуда. Хашим Тачи и уште тројца се прогласени за виновни за воени злосторства. Има жалба. Процесот не е готов. Принципот е тој. Повикуваме сите да ја почитуваат одлуката на судот и да избегнат поттикнување тензии или поделби“, му порачаа на Гаши и останатите разочарани од пресудата од СДСМ (која, патем, сите ја очекуваа бидејќи ги знаеме случувањата).

Од СДСМ притоа нагласија дека „не се мешааат во работата на судот и не кројат пресуда според коалиција, нација или моментален интерес“.

„Ако судот донел одлука за некој дека е виновен – тогаш тоа треба да се прифати, додека повисок суд не каже друго. Таму обвинителството не работи на телефон. Затоа се бориме за Европска унија. Законот мора да важи за сите. Хаг судеше и кога на обвинителна клупа беше Ратко Младиќ. Тогаш рековме: пресуда мора да се почитува. И сега истото. Законот не се бира по нација“, порачаа од СДСМ.

Наедно од партијата нагласуваат дека ова не е пресуда против албанскиот народ и дека не е  пресуда против правото на Косово на слобода.

„Судот суди поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме. Кај нас е обратно. Кај нас премиерот се меша во суд и во обвинителство. Кај нас предметите се тргаат, толкувањата се измислуваат, Европската комисија во извештаите наведува за притисок врз правосудството. Тие сакаат партија да биде суд. Ние одбиваме. СДСМ ќе ја почитува одлуката на судот и ќе повторува едно: никој не е над законот. Ни таму. Ни тука“, порачаа од СДСМ. 

Гаши претходно изјави дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се дел од славната историја на Косово, иако хашкиот судија кажа една реченица која ќе остане запаметена околу процесот засекогаш – дека ниту едно знаме не е доволно за да го покрие срамот од убивањето невини цивили!. Порака што важи денес и за Украина, и за Палестина, и за Иран и за други држави во војна каде што човештвото се симна на најбестијални граници. Сепак Гаши затвори очи пред мотивот за неа. 

Во неговиот пост Гаши вели: „За албанскиот народ, тие се и остануваат ослободители на Косово. Војната на ОВК, жртвите и несебичноста на оние што ја предводеа и беа нејзин дел, го претставуваат патот што доведе до слободата на Косово и до нова ера на мир и стабилност во регионот. Денешната пресуда е од прв степен, бидејќи борбата за правда продолжува.

Затоа, денес е денот да застанеме заедно, со достоинството на тишината, и да посведочиме дека нашите мисли и срца се со ослободителите и нивните семејства. Бидејќи слободното Косово беше најтешката битка, а тие победија. Бидејќи слободното Косово е сведоштво за таа генерација што се осмели да сонува за слобода, а воедно и утеха што треба да нè одржи силни пред денешната одлука и другите предизвици“.

И за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пресудата на Специјализараниот суд е „неправедна и длабоко разочарувачка“.

„Не смееме да паднеме во стапица чија цел е создавање тензии или поделби, ниту, пак, да дозволиме да се наруши угледот на ослободителната борба на народот на Косово“, посочи Ахмети, оставајќи впечаток дека повеќе зборува во одбрана на позицијата на една политичка гарнитура во Косово која е развластена, отколку за самите обвинети.

По срамните слики од закопот на Младиќ за кои Лајен рече дека била шокирана, сликите вчера од Приштина ќе ја збришат создадената во голема мерка создадената илузија дека регионот денес не е ист како тогаш и дека балканските земји заслужуваат шанса за ЕУ. Најтрагична фигура, иако индиректно, во целата оваа епизода е албанскиот премиер Еди Рама чиј пример покажа како корупцијата ги урива и најголемите авторитети, па сега мора политички да калкулира за да преживее на позицијата, откако до неодамна важеше за лидер ѕвезда од регионот.

Друга политичка консеквенца од пресудата кај нас е и враќањето на реториката за Хашките случаи, односно обвиненијата за воените злосторства од страна на ОНА во Македонија кои во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа затворени со амнестија, иако од Хаг порачаа дека воени злосторства никогаш не застаруваат. Факт е дека ова се единствените случаи на воени злосторства во бивша Југославија што не добија судска завршница, а роднините на жртвите не добија ниту почит. Хашкиот трибунал ги врати четирите предмети во Македонија во 2008 година, барајќи тие да се процесуираат низ нашите исполитизирани судски институции, но тоа не се случи. Станува збор за наводите за злосторства поврзани со раководството на ОНА, случајот со „мавровските“ работници, запирањето на водата во Липково и злосторства во Непроштено, Челопек. Заради политички мир и стабилна коалиција тогашната влада ги закопа овие случаи, но ваквите реакции на албанските лидери со кои не водат сметка за македонските интереси ја отвораат повторно фрустрацијата за нив. (С.Ј.)