Редовната исплата на боледувањата да стане правило, посакува Перински


Фондот за здравствено осигурување ќе продолжи со активности за воспоставување редовна и предвидлива исплата на надоместоците за боледување и породилно отсуство, истовремено со унапредување на правилата, поедноставување на постапките и зајакнување на контролата таму каде што постои ризик од злоупотреба.

Ова беа дел од клучните пораки на генералниот директор на Фондот за здравствено  осигурување, м-р Златко Перински, на денешниот медиумски брифинг, на кој со новинарите разговараше за актуелните резултати, новите решенија што се подготвуваат и приоритетите во работењето на Фондот.

Во август 2026 година Фондот исплати вкупно 623.150.780 денари за боледувања, од кои
414.050.780 денари за породилни надоместоци. Средствата беа обезбедени преку активно управување со ликвидноста и забрзана наплата на дел од побарувањата по основ на придонеси, без притоа да се наруши редовното подмирување на останатите обврски на Фондот.

„Нашата цел не е август да остане исклучок, туку редовната исплата да стане правило. За уредно комплетираните предмети за кои се исполнети условите за исплата, работиме кон воспоставување динамика во која надоместоците за претходниот месец ќе се исплаќаат во текот на наредниот месец“, истакна Перински.

Појасни критериуми и посилна контрола на боледувањата
На брифингот беа презентирани и предложените измени на правилата за утврдување и контрола на привремената спреченост за работа, кои треба да бидат разгледани од Управниот одбор на Фондот.

Целта е да се воспостават појасни и посовремени медицински критериуми, да се олесни постапката за пациентите кои имаат реална медицинска потреба од боледување и истовремено да се зајакнат механизмите за спречување на неоправданото користење на ова право.

Предложените решенија предвидуваат избраниот лекар, врз основа на медицинска проценка, да може да отвори боледување до пет дена без примена на утврдените критериуми, наместо сегашните седум дена. Се прошируваат и прецизираат случаите во кои боледувањето може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, се доуредуваат надлежностите на лекарските комисии и се воведува поголема дигитализација преку електронска евиденција и документација.

Паралелно се предвидуваат и засилени механизми за контрола, вклучително и можност за контрола кај осигуреникот во текот на боледувањето, како и заеднички контроли со други надлежни институции.

„Не ги менуваме правилата за да го ограничиме боледувањето. Ги менуваме за да направиме јасна разлика меѓу право кое мора да биде заштитено и злоупотреба која не смее да биде платена од парите на осигурениците. Правиме систем кој е поедноставен за оправданите случаи, а построг таму каде што има злоупотреба“, порача Перински.

БПО: 237 барања за четврти, петти и шести обид
На брифингот беа презентирани и актуелните податоци за биомедицински потпомогнато
оплодување. Од вкупно 1.883 поднесени и разгледани барања за БПО, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид – 216 за четврти, 17 за петти и четири за шести обид.

Тоа покажува дека проширеното право реално се користи и обезбедува дополнителна можност за семејствата кои се соочуваат со проблеми во остварувањето родителство.

Фондот истовремено ја анализира можноста за поинакво структурирање на пакетите за БПО, со поголемо финансиско покривање во првите обиди и градациски модел за последователните обиди, без намалување на правото на шест обиди.

Намерата е средствата да бидат поставени таму каде што можат да создадат најдобри услови за успешност на постапката, со помало повторено изложување на жената на терапија и медицински процедури. Моделот е во фаза на анализа и за него ќе бидат разгледани медицинските и финансиските аспекти пред донесување конечно решение.

Рецептот од дежурна служба да важи 24 часа
Фондот подготвува и промена на правилото за рецептите издадени од дежурните служби  при итен преглед.

Според постојното решение, ваквиот рецепт важи до 00:00 часот на денот кога е издаден, што во пракса создава проблем кога пациентот е прегледан во доцните вечерни часови. Предлогот е рецептот да важи 24 часа, со што пациентите ќе добијат реален временски простор да го подигнат препишаниот лек.

Пациент кој во 23 часот побарал итна медицинска помош не треба по излегувањето од амбуланта да води трка со часовникот за да го подигне лекот до полноќ.

Правилото треба да му служи на пациентот, а не пациентот да се приспособува на правило кое во пракса не функционира, нагласи Перински.

Фонд што ги препознава проблемите и иницира решенија
Меѓу приоритетите во наредниот период се редовното и навремено остварување на правата на осигурениците, финансиската стабилност и ефикасното управување со средствата, поедноставувањето и дигитализацијата на постапките, како и активното иницирање законски измени кога постојните решенија создаваат непотребни административни пречки.

Фондот ги разгледува и можностите за унапредување на здравственото осигурување на лицата до 18 години, со цел нивното право на здравствена заштита да биде што посигурно и да не зависи од промените во осигурителниот статус на родителот.

Фондот не треба само да констатира дека нешто не функционира. Ако проблемот е кај нас, наша работа е да го смениме. Нашата цел е правата да се остваруваат навремено, постапките да бидат поедноставни, средствата да се насочуваат таму каде што даваат најголем ефект, а контролата да биде силна таму каде што постои простор за злоупотреба, истакна генералниот директор Перински.