Ристоска: Ослободителната пресуда за Груевски и имотот на ВМРО-ДПМНЕ ја легализира политичката корупција
Ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во случајот „Талир 2“, со која се враќа партискиот имот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, не е донесена поради недостиг на докази, туку поради толкување на судот кое нема правна поткрепа во законите, вели Ленче Ристоска, поранешна обвинителка која со години го работеше случајот.
Во објава на Фејсбук, Ристоска детално се осврнува на случајот и на пресудата и порачува дека, ако аргументацијата на Апелациониот суд се прифати како правен стандард, би се довеле до апсурдна состојба на легализација на политичката корупција.
„ Доколку аргументацијата на Апелациониот суд се прифати како правен стандард, би се довеле до апсурдна состојба на легализирање на политичката корупција, па така секоја компанија што ќе добива државни тендери потоа дел од профитот ќе го пренесе во политичките партии, прикажувајќи го како донација, и сето ова нема да биде казниво бидејќи ќе постои судска практика која ова го дозволува. Ова сериозно ја нарушува суштината на законот и го прави целосно неупотреблив за најчувствителната точка што треба да ја адресира, а тоа е финансирање на политички партии од претпријатија кои добиваат буџетски средства“, смета Ристоска.
Таа навлегува во суштината на овој случај, односно во тоа како ВМРО-ДПМНЕ, со цел да добие партиско седиште и финансиски средства, на градежната компанија „Бетон“ ѝ пренесува градежно неизградено земјиште од околу 800 квадратни метри, а за возврат добива изградба на партиското седиште и исплата на паричен износ, сето тоа во вредност од околу 9 милиони евра, односно над 10.000 евра за квадратен метар неизградено земјиште во 2013 година. Ова се случува во период кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а градежната компанија интензивно добива тендери од државата, при што 75 проценти од вкупниот приход на „Бетон“ доаѓа од државни пари.
„ Компанија во која над 75 отсто од вкупниот приход доаѓа од државата не е слободен донатор. Нејзиното работење зависи од државата, а токму ваквиот однос Законот за финансирање на политичките партии го препознава како пречка за политичко финансирање. Согласно Законот за финансирање на политичките партии, политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор, со тоа што како донација се сметаат и стоките и услугите кои приватните компании ги даваат на политичките партии, а кои ја надминуваат пазарната вредност.
Во конкретниот случај, со вештачење е утврдено дека градежното неизградено земјиште, сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, во 2013 година имало вредност од околу 800.000 евра, така што десеткратно е надмината неговата пазарна вредност, па ваквиот износ, во смисла на Законот, има третман на донација“, оценува Ристоска.
Според обвинителката, Апелација не го спори фактот што „Бетон“ добивала државни пари и дека го изградила партиското седиште и исплатила пари на ВМРО-ДПМНЕ, туку Судот го спори терминот „јавна услуга“. Како што пишува Ристоска, Судот дава паушално објаснување за сериозно прашање, со долгорочни последици во однос на политичката и високата корупција и злоупотребата на буџетски пари.
„ Затоа спорно е толкувањето на Апелациониот суд дека изградба на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење јавна услуга. Со ваквото толкување Апелациониот суд ја стеснува националната норма под опфатот на европскиот стандард што таа го внесува во домашното право, бидејќи суштината на членот 5б од Препораката е токму ограничувањето буџетските пари што ги добиваат приватните ентитети да завршат во партиската каса.
Со толкувањето на Апелациониот суд се занемарува околноста дека членот 20 од Законот за финансирање на политичките партии не бара услугата да е „јавна услуга“ во каква било апстрактна смисла. Тој бара услугата да се врши за државен орган по пат на договор. Придавката „јавна“ во контекст на таа реченица ја означува сферата во која делува корисникот на услугата, а не природата на дејноста што се обезбедува со услугата.
И останатите алинеи од членот 20, кои го ограничуваат финансирањето на политичките партии – забраната за финансирање од странски субјекти, од анонимни извори, од претпријатија со доминантен странски капитал и од државни претпријатија – сите тргнуваат од тоа од каде доаѓаат парите. Затоа и интерпретацијата на алинејата што се однесува на овој конкретен случај мора да ја следи истата логика и да го почитува редот во кој законодавецот ја поставил.
Оттука, спорен е ставот на Апелациониот суд дека изградбата на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење јавна услуга. Дури и да се водиме од ад хок дефиницијата на Апелација, во најмала рака е дискутабилно како тоа градењето објекти, патишта, мостови, брани, стадиони, градинки и училишта, сите дел од портфолиото на „Бетон“, не придонесува за одржување на добросостојбата на секој граѓанин и не помага во развојот на општеството во целина“, заклучува Ристоска.
Со пресудата на Апелација се потврди ослободителната пресуда за Груевски и владејачката партија си го врати имотот.Во пресудата, Апелација оцени дека од доказите изведени во постапката не може да се утврди дека „Бетон“ во моментот на склучувањето на договорите вршел јавни услуги за државни органи, јавни установи, претпријатија или фондови по пат на договор, како што предвидува членот 20 од Законот за финансирање на политичките партии.Судот прави разлика меѓу јавна набавка и јавна услуга, наведувајќи дека неспорно е оти градежната компанија учествувала во јавни набавки за изградба на државни објекти, но тоа, според Апелација, не значи дека вршела јавна услуга во смисла на Законот за финансирање на политичките партии.
Во образложението се наведува и дека обвинителството не понудило докази за зависноста што „Бетон“ ја имала во однос на ВМРО-ДПМНЕ, што, според судот, било круцијално за утврдување дали постоела законска пречка за склучување на договорите. Исто така, не биле изведени релевантни докази за тоа какви јавни услуги вршела компанијата и каде била ангажирана како давател на јавна услуга.Во образложението се наведува дека кај овој облик на кривичното дело мора да биде наведено кое конкретно службено овластување обвинетиот го пречекорил, а во обвинението, според судот, биле наведени норми кои не се однесувале на службените овластувања на обвинетиот како одговорно лице во политичката партија.