Хрватска ѝ се заканува на Србија поради односот кон Младиќ


Ратко Младиќ влегува во Сребреница во 1995

Министерот за одбрана на Хрватска, Иван Анушиќ, денеска изјави дека Загреб ќе преземе политички чекори кон Србија откако хашкиот осуденик за геноцид Ратко Младиќ беше погребан со државни и воени почести. Тој додаде дека таквиот однос на Србија кон осуден воен злосторник јасно го покажува правецот на српската политика.

– Сега на потег е Европската комисија, на потег се светската и европската политика и, секако, хрватската политика, која ќе донесе одлука и ќе преземе свои чекори што се во согласност со хрватската политика – наведе Анушиќ.

Тој оцени дека целиот свет повторно можеше да го види „вистинското лице на Србија“ по збогувањето со Младиќ во Белград, кој беше погребан во семејната гробница на гробиштата „Топчидер“ со црковна церемонија и воени почести. Меѓу илјадниците луѓе на погребната поворка беа и некои министри од српската влада и политичкото раководство на Република Српска.

Младиќ беше осуден на доживотен затвор со правосилна пресуда за геноцидот извршен во Сребреница и за низа воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги прогонот и присилното преместување на Бошњаците и Хрватите, тероризирањето на цивилите за време на опсадата на Сараево и земањето персонал на ОН како заложници.