Пиши-бриши со училишниот одбор во „Панче Арсовски“. Гумата е на ВМРО-ДПМНЕ
Училишниот одбор на средното училиште „Панче Арсовски“ во Скопје, денеска треба да биде распуштен од Советот на Град Скопје, кој е основач на средните училиште во главниот град, а советниците не можат да разберат зошто треба да ги разрешат членовите на одборот кој тие ги назначиле пред шест месеци.
Советниците од Левица и од СДСМ сакаа да знаат што е тоа што згрешиле овие луѓе во само шест месеци. Државниот просветен инспекторат констатирал „тешки повреди“ во работењето, но до советниците не бил доставен извештајот за тоа кои се тешките повреди и што страшно се случувало во тоа училиште.
Од службите на Градот се трудат да објаснат дека имаат извршна одлука од ДПИ и таа мора да го спроведат, затоа што тие не се надзорен орган и дека тие не можат да вршат притисок врз независен орган како што е Државниот просветен инспекторат. Советниците беа информирани и дека ако тие не го распуштат одборот и да се смени директорот тогаш по процедура тоа ќе го направи МОН.
Можеби најдобро проблемот го објасни советникот Горан Симоновски, кој праша што му нашле за зло на овој училишен одбор? И самиот си одговори: Затоа што не сакал да го разреши директорот.
„Директорот е еден од првите, можеби и прв во Македонија што стави фотоволтаици на своето училиште, ги замени сите прозорци, стави енергетски ефикасна фасада. Тоа е нешто што ВМРО се фали дека допрва ќе го прави во некои училишта. Замислете, тоа е човекот кој се дрзнал, со својата работа да покаже храброст и интегритет против една институција во државава, макар била и Државен просветен инспекторат, којшто не си ја врши основната функција – превентивата. Значи, човекот покажал храброст и интегритет, а јас мислам дека тоа е штофот од којшто треба да се прават луѓето кои ни го водат образованието.
Училишниот одбор треба да го разреши директорот, затоа што направил ‘тешки повреди’ кои ние овде нема да ги дознаеме. Знаете кои му се сметаат за тешки повреди? Неостварен фонд на часови – не е запишан час во електронскиот дневник – а во Законот е дозволено 5 отсто отстапка. Има забелешка дека екскурзијата траела еден ден повеќе – затоа што автобусите од превозникот се вратиле после 12 часот и тоа се смета за еден ден плус дека бил на екскурзија.
Да прекинеме со оваа фарса овде, не му се суди ниту на училишниот одбор, ниту на директорот. Овде се праќа порака до сите професори, сите директори, сите наставници: или ќе биде како што ќе каже ВМРО-ДПМНЕ или ќе ве нема“, рече Симоновски.
Инаку, директорот на гимназијата „Панче Арсовски“ од 2018 година е в.д. директор на училиштето, а во 2019 година е назначен за директор на ова средно училиште. (Б.Б.)