Застрашувачко: Скопје веќе нема градски парк!

Градскиот парк во главниот град е оставен на немилост на времето и жештината. Градската управа е во него, но не гледа што станува со белите дробови на Скопје


 

Скопје веќе нема градски парк! Место каде што граѓаните со децении одеа во летните месеци да се разладат, други да се рекреираат, трети да уживаат во зеленилото и спокојот од градското лудило наоколу. И, според она што се гледа, тоа не е последица само на неодамнешниот ураган туку на тоталната негрижа, запоставеност, систематско уништување и заборавање која му е функцијата.

 

Оние што се постари сигурно ќе потврдат дека изминатите 60 години Градскиот парк не изгледал така како што изгледа деновиве, при што првата помисла ако случајно дојдете е – да си заминете што побргу бидејќи нема ни трева, не пак зелена, нема ни половина од дрвјата. Тоа што останало очајнички преживува поради ненаводнување, и како главно нема ни место за рекреација ниту пак сенка така што првата асоцијација е дека сте некаде во Сахара, на место заборавено од господ и препуштено на немилост на климата.  Затоа изгледа и дека нема луѓе во него за време на пеколните горештини. Никој не сака да оди во сахарски предел. Фотографиите во текстот се направени вчера, во недела, кога паркот генерално е полн со посетители. Вчера таму речиси да немаше никој.

 

Тоа што мислевме дека се случува само на градските улици каде што не се памети кога последен пат е испрскано со вода, а дрвјата масовно паѓаат од исушеност, овде се случува мултиплицирано. И иако се наоѓа практично пред градската управа, сосема очигледно е дека тука ништо не се одржува и никој изгледа нема идеја што треба да се преземе.

 

И во времето на озлогласената Данела Арсовска Градскиот парк личеше на парк, а сега е претворен во некоја периферна пустелија, со искршени клупи, со тука – таму по некоја корпа со отпадоци од кои само една исправена, со расфрлани отпадоци и со целосно исушена земја.  

Практично на сите страни се гледа целосна девастација на еден од клучните животни простори на градот, дотаму што не се гледаат веќе ни птици околу, а нема ни жаби во езерото кое наликува на мочуриште. Дури и шутот од бомбастично урнатите дискотеки се уште стои кај што беше – на влезот на паркот, како предупредување што ве чека натаму.  

 

Овде не е употребена ни метла со месеци, а цревата за наводнување се непозната појава, така што паркот е на пат да стане депонија – или пак нова градежна парцела. Штетата што се гледа на секој чекор и запоставеноста тешко ќе се поправи за десетина години бидејќи и тоа што е насадено е или искривено, или ненаводнето. И во Дубаи со температури над 50 степени и без вода од извори парковите вака не изгледаат. (Н.В.)