Македонските параглајдеристи освоија злато и сребро на европското првенство
Македонската репрезентацијата стана европски вицешампион во параглајдинг, додека македонската претставничка во женска категорија Ана Бергер е новата европска шампионка. На домашен терен, пред македонската публика во Крушево, параглајдеристите го освоија историското сребро во екипна конкуренција, додека Бергер се искачи на европскиот врв во женска конкуренција, пренесе Колегиум.
Европското првенство во параглајдинг се одржуваше од 8 до 19 август во Крушево, со учество на 130 пилоти од 30 земји. Словенија го освои златниот медал во екипна конкуренција, Македонија заврши на второто место, додека бронзата ѝ припадна на Шпанија.
Патот до европското сребро
Македонија го започна првенството од деветтото место, но со секоја од деветте натпреварувачки задачи постепено напредуваше на табелата. По седмиот натпреварувачки ден се искачи на третото место, а на 18 август го престигна тимот на Шпанија и се пласираше на втората позиција.
Во последната задача македонскиот тим ја задржа позицијата и го освои сребрениот медал. Во текот на првенството беа одлетани девет задачи, со должина од 68 до 104 километри. Вкупната должина на одлетаните задачи изнесуваше 813 километри.

Дарко Станковски настапи во сите девет задачи и со континуирано добри резултати придонесе за тимскиот пласман. Мартин Јованоски, пак, во седум задачи освои значајни поени за македонскиот тим.
На најдолгата задача, долга 104 километри, Јованоски не стигна до целта, но неговиот резултат беше надополнет со настапот на Ѓорги Ристовски, кој придонесе Македонија да го задржи силниот тимски пласман.
Во тимскиот резултат учествуваа и Ана Бергер, Глигор Зафиров, Александар Гацевски и Благоја Гроздановски, додека Јован Северов беше дел од тимот за поддршка од земја.
Со второто место во Крушево, Македонија продолжи со серијата високи пласмани на големите меѓународни натпревари. На Европското првенство во Србија во 2022 година заврши на четвртото место, а на Светското првенство во Франција во 2023 година освои бронзен медал. Следната година на програмата е Светското првенство.
Бергер до европската титула
Ана Бергер го освои златниот медал во женска конкуренција по тесна борба со Германката Елиза Дојчман. По петтата задача, во која слета пред целта и загуби значаен број бодови, Бергер ја продолжи борбата за првото место. Во преостанатите четири задачи настапи без грешка и со резултатите во завршницата стигна до европската титула.