Листите на чекање за операции не се прочистени: Новиот електронски систем ќе биде праведен
Нов модул за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи презентираше денеска министерот за здравство Азир Алиу, кој вели дека на овој начин ќе се следат листите на чекање,а секоја пациент ќе биде третиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
-На јавен портал ќе биде достапна листа на закажани елективни хируршки интервенции и ќе има стандардизирани правила за внесување и ажурирање на податоците во системот. Воспоставуваме јасен протокол на транспарентен начин да се води електронската евиденција за закажаните интервенции во здравствените институции. Целта е секој пациент да ја добие услугата по принципот „прв дојден прв услужен“ – рече министерот Алиу.
Досега, евиденцијата на елективни хируршки интервенции се водеше во системот „Мој термин“ преку издавање упат за операција. Но, според министерот утврдени се брјни недостатоци во системот.
-Прво, упатите не се издаваат веднаш, при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција. Потоа, дел од установите и лекарите користат друг тип на упат за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма. Листите на чекање не се прочистени и така се создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите. Резултатот од анализата за 2025 година покажува значителна разлика меѓу реализираните упати кои биле 58.648, а реализирани операции имало 93.510. Тоа укажува дека не се почитувала законската обврска да се издава специфичен упат за операција – рече Алиу.
Новиот модул за пациентите ќе овозможи пребарување и приказ преку повеќе комбинирани параметри. Корисниците на јавниот портал може да пребаруваат по следните клучни филтри: „специјалност на лекар“, „хируршка интервенција“, „јавна здравствена установа“, „лекар специјалист“, „број на пациенти кои чекаат“ итн.
-Идејата е транспарентноста, да знаеме во одредена здравствена институција колкава е листата на чекање за одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не беше така, заради тоа што листата на чекање беше водена во хартиена форма. Што значи дека може да има злоупотреба. А со системот нема да има, и ќе знаеме автоматски кога сме ние на ред. Интервентните услуги и итните услуги нормално дека нема да чекаат, туку итната интервенција ќе се реализира истиот ден – рече министерот.
Листата на чекање ќе се ажурира секои 24 часа, што според него ќе придонесе оние пациенти кои ќе одлучат да се оперираат на приватно, во некоја друга клиника, автоматски ќе бидат отстранети од листата на чекање во јавните здравствени институции.
Алиу остави можност да се покаже дека и овој систем не е совршен, но вели од некаде мора да се почне, а информатичарите кои работат на системот се доста креативни, па во од ќе ги решаваат проблемите што би произлегле.