Мицкоски на пуштањето во употреба на новиот базен во Штип

Премиерот Христијан Мицкоски денес присуствуваше на пуштање во употреба на затворениот базен во Општина Штип.
„Продолжуваме и понатаму да инвестираме во спортот, затоа што, како велат, во здраво тело здрав дух. Ние би сакале да ги навикнеме младите уште од најрана возраст да спортуваат бидејќи на тој начин се градат во вистински личности, личности коишто витешки ќе се борат во својот живот и ќе напредуваат“, порача притоа Мицкоски.
Тој рече дека градоначалникот, советниците и администрацијата во Општина Штип изминативе скоро четири години реализирале голем дел од проектите.
„Со тие проекти Штип доби една современа, модерна физиономија, дека навистина е центар во истокот. Штип денеска делува навистина импресивно и работата на градоначалникот навистина инспирира. Очекувам и во следните четири години ќе продолжи со истата динамика на реализација на тие проекти за уште поубав Штип, за Штип којшто ќе има уште повеќе реализирани проекти, а ние како централна Влада тука сме да ги поддржиме реализацијата на тие проекти“, рече Мицкоски.
Генерално тој порача дека ќе се финансираат проекти во вредност од над седум милиони евра обезбедени директно од централниот буџет, коишто треба да помогнат за развојот на Општината.