„К-15“ закажаа и трето шоу, на 18 мај во салата „Борис Трајковски“


„К-15“ закажаа и трето шоу, на 18 мај во салата „Борис Трајковски“, по повод 30 години од првата емисија, откако се распродадоа двата на 16 и 17 мај.

Синиша Евтимов ќе ги режира трите шоуа, а песните на „Дуо трио“ ќе се свират со оркестар од 30 музичари, со кој ќе диригира Џијан Емин. Тој прави оркестрации и нови аранжмани на песните, кои беа многу популарни во 1990-тите, а се актуелни и денес.

Огњановски, Васко Тодоров и Бубо Каров со ентузијазам се подготвуваат за средбата со публиката, со која ќе прослават 30 години од почетокот на култното комично шоу со Миле Паника, Тошо Малерот, Цацко Конопишки и другите популарни ликови.

„Подготовките за скечевите нѐ потсетуваат на најубавите времиња кога бевме во полна творечка кондиција. Денес, врвната сценска техника, осветлување и видеобимови овозможуваат да се комбинираат содржините на видео со жив настап, збогатени со оркестарот на Џијан, а сето тоа Синиша како режисер ќе го искомбинира на најдобар начин. Сепак, главен фокус ни е да се одржи оригиналноста и да се создаде свежина во скечевите, што не е лесна работа поради постоечките стандарди и очекувањата на публиката“, вели Огњановски.