8 Март

Не секој маж е џентлемен, ниту пак секоја жена е цвеќе за мирисање


Денес, зад секое подарено и примено цвеќе се крие една желба, мит, заблуда, лага или вистина за тоа кои сме, што сме, што сме сакале да бидеме, до каде сме стигнале или во што сме се претвориле, дали сме напредувале, стагнирале, или сме се вратиле назад, со зборовите, делата, постапките, однесувањето, како поединци или држава, дали сѐ уште очекуваме, се надеваме, или пак откриваме дека не секој маж е џентлемен, ниту пак дека секоја жена е цвеќе за мирисање, дека е тешко со жените, а уште потешко без нив, дека мажите сѐ уште ништо не научиле за жените, ама фала богу, жените ги научија мажите. 

Како да останете доследни на принципите, верувањата и воспитувањето во свет, каде што половите ги сменија улогите?

Мажите станаа жени, жените станаа мажи.

Жените попримија агресивност, мажите добија на женственост.

Жените имаат м…

Мажите останаа п…

Тренд е жените да носат машки костуми.

Тренд е мажите да носат  златни синџири околу вратот, обетки на ушите и прстени на рацете, или фустани на  црвените килими.

Жените немаат време за маникир и педикир.

Мажите се депилираат и посетуваат козметички салони.

Жените станаа кариеристки.

Мажите станаа врвни готвачи.

Жените се најбарани како шефови.

Мажите се незаменливи како асистенти.

Зад секоја успешна жена стои макотрпна работа или развод.

Зад секој успешен маж стои лоби или љубовница.

Жените избираат.

Мажите чекаат да бидат избрани.

Никој не прашува кој ќе биде претседателот.

Сите се интересираат која ќе биде првата дама.

Толку од еманципацијата. Муабетите и дебатите, дали во Македонија има вистински мажи, и понатаму ќе продолжат. И не само денес. Зашто жените меѓу себе знаат да бидат кучки, ама и да ве изненадат со ружа.

Честит 8 Март!