Пожарникарите ни гасат без лична опрема – само за 629 има заштитни одела


Илустрација Фото: Б. Грданоски

Во ситуација кога нѐ очекува топло и жешко лето, на ниво на државата во моментот има 938 пожарникари, но потребни се уште 670 според информациите од сите територијални противпожарни единици, а најалармантна е состојбата во Пожарна Скопје.

Дополнително, од 938 активни пожарникари лична заштитна облека и опрема има за 629 пожарникари, што значи дека дел од нив гасат пожари без заштитна опрема.

– Апелирам до сите градоначалници да примаат млади луѓе кои што се здрави и можат да одговорат на гаснењето на пожари. Во овој момент просечна старост на пожарникарите е 42,5 години, повика денеска директорот на ЦУК, Стојанч Ангелов, кој одржа прес-конференција на која алармираше за состојбите во слуќжбите кои се на првата линија на огнот.

Од опрема за гаснење на пожари на ниво на држава, располагаме со 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење на пожари, 33 авто-цистерни, кои носат вода, но немаат сопствени пумпи, понатаму имаме 48 противпожарни теренски возила за гаснење на пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.

Ангелов, исто така, повика за разумно користење на воздухопловите за гаснење на пожари, укажувајќи дека сите имаат одреден број на часови на летање, по што мора да поминат сервис и да не се доведе државата во ситуација поради интервенирање за помали пожари, да нема на располагање воздухоплови за гаснење пожари кога тоа ќе биде вистински потребно.

Следниот проблем со кој се соочува системот за справување со пожари е тоа што ЈП „Национални шуми“ има блокирана сметка и не може да обезбеди гориво за нивните возила и поради тоа не може да сметаме на нив.

– Јас сум оптимист и верувам дека на првата седница на Влада нивната сметка ќе биде одблокирани за да можеме да сметаме на нивните тимови, изјави Ангелов.

Во Законот за шуми е предвидено да се изработи национален план за формирање на Национален комитет за справување со пожари на отворено, составен од 19 претставници на различни институции, кој треба да врши координација на користење на воздухопловите.

– За жал Министерството за земјоделство не успеа да го стави во функција овој комитет. Од објективни причини Министерството предложи бришење на цела оваа глава од законот, а Владата го задолжи ЦУК да го координира тоа. Останува на Владата како ќе продолжи со ова, изјави Ангелов.

Забраната за движење на шуми, според Ангелов треба да е последна алатка, укажувајќи дека има многу малку податоци за граѓани кои предизвикале пожар, додека најголемиот дел од пожарите се од земјоделците кои палат стрништа.