70 песни се тркаат за номинации за „Оскар“ за 2018 година


САД- Академијата за филмски остварувања, уметности и науки објави 70 песни кои во моментов се разгледуваат за номинациите за категоријата најдобра филмска песна.

Меѓу тие што се најдоа на листата се: „I Don’t Want to Live Forever“ на Тејлор Свифт од филмот „50 нијанси потемно“, „The Star“ на Мараја Кери од истоимениот филм, „Home“ на Ник Џонас за анимираниот филм „Фердинанд“. Омилениот на Академијата, филмот „Викај ме по моето име“, има две песни кои се земени предвид за номинација, како и филмовите „Пети Кејкс“, „Автомобили 3“, „Убавицата и Ѕверот“, „Пулимуруган“ и „Елизабет Блу“. Филмот „ Огнено езеро“ има три песни на листата.
За време на процесот за номинирање, членовите на Академијата од музичката бранша ќе добијат листа за потсетник со категории и компилации од песните. Членовите ќе треба да ги изгледаат видеата и потоа да гласаат според нивните преференции, но не за повеќе од 5 песни во таа категорија. Првите пет песни што ќе добијат најмногу гласови ќе добијат и номинации за финалното гласање за „Оскар“. Најмногу две песни од еден ист филм може да бидат номинирани.
Номинациите за 90-тите „Оскари“ ќе бидат објавени на 23 јануари 2018 година.