Гир се надева дека уставните измени ќе се направат што побргу
„Тоа е суверена одлука што треба да се носи, но штом ќе се донесе таква одлука, одиме кон следниот чекор, што значи дека земјата продолжува да се придвижува напред и нема други дополнителни одлуки, кои треба да се носат понатаму“, вели Гир.
Истакна дека живееме во исклучителни времиња како резултат на руската агресија врз Украина и токму тие случувања, како што додаде, го произведоа исклучителниот нов момент во сферата на самото проширување и токму тие околности создадоа можност на земјите да може бргу да се движат на својот евроинтегративен пат.
Гир се надева дека што побргу ќе се усвојат уставните измени и верува дека местото на Македонија е во ЕУ.
„Позитивно гледам на усвојувањето на уставните амандмани. Истовремено да може земјата да ги имплементира сите реформи и да може да стане полноправна членка“, истакна Гир.
На прашањето како ја коментира изјавата на шефот на државата, Стево Пендаровски, дека уставните измени треба да се донесат од следниот парламентарен состав, рече дека не може да ги коментира изјавите на разни политичари, па дури и изјавата на шефот на државата, Стево Пендаровски.
„Единствено што можам да кажам е дека ние сите искрено се надеваме дека сите овие измени ќе може да се направат што е можно побргу за да може оваа земја, конечно, решително да се движи по својот евроинтегративен пат“, истакна Гир.
Што се однесува на скрининг процесот евроамбасадорот Гир изразува како што вели, има само пофални зборови.
-Всушност би сакал да го поздравам самиот ангажман и посветената работа од страна на владините претставници. Мислам дека нивната работа досега беше навистина многу добра и како што се приближуваме кон крајот на самиот тој процес мислам дека таа работа е многу позитивна, рече Гир.
За тоа до каде е работата на оценската мисија за Судскиот совет и кога ќе пристигне извештајот, Гир вели сите се во исчекување, но дека е многу рано да даде каква било оценка за тоа каков ќе биде исходот на нивната посета. Тие имале навистина многу добра посета, многу сеопфатни состаноци со сите чинители тука, на многу транспарентен начин, така што смета тој, тие веќе имаат многу јасна идеја во врска со ситуацијата тука.