Кинески хакери ги нападнаа системите на „Мајкрософт“ за Стејт департментот, ден по нападот на владините мејлови во Западна Европа


Хакери со седиште во Кина добија пристап до сметките за е-пошта на околу 25 организации во САД, вклучително и владини агенции, велат од „Мајкрософт“.

Софтверскиот гигант не даде детали за локацијата на владините агенции, но американското Министерство за трговија потврди за Би-би-си дека „Мајкрософт“ го информирал за нападот.

– „Мајкрософт“ го информираше Министерството за компромисот со неговиот систем Office 365, а Министерството веднаш презеде акција за да одговори – изјави за Би-би-си портпаролот на Министерството за трговија на САД, додавајќи:

„Ги надгледуваме нашите системи и веднаш ќе реагираме доколку се открие каква било дополнителна активност.

Американските медиуми објавија дека цел на хакерите бил и Стејт департментот. Сепак, американскиот Стејт департмент не одговори веднаш на барањето на британската служба за коментар.

Кинеската амбасада во Лондон изјави за Ројтерс дека тврдењето е „дезинформација“; и ја нарече американската влада „најголемата светска хакерска империја и глобален сајбер крадец“.

„Мајкрософт“ соопшти дека хакерската група со седиште во Кина – која ја нарекува Storm-0558 – добила пристап до сметките за е-пошта со фалсификување токени за дигитална автентикација што ги бара системот. Токените обично се користат за да се потврди идентитетот на една личност.

„Storm-0558 првенствено е насочена кон владините агенции во Западна Европа и се фокусира на шпионажа, кражба на податоци и пристап до ингеренциите“, соопшти компанијата основана од Бил Гејтс, додавајќи дека истрагата открила дека прекршувањата започнале во средината на мај.

Мајкрософт: Кинески хакери имале пристап до владини мејлови во Западна Европа

Кинески хакери тајно пристапувале до сметките на е-поштите на приближно 25 организации, вклучително и владини агенции во Западна Европа, соопшти вчера „Мајкрософт“.

Во соопштението се додава дека зад оваа шпионажа стои хакерската група Storm-0558, која е поврзана со кинеската држава, пренесува „Ројтерс“.

Кинески хакери фалсификувале дигитални токени за да го автентицираат пристапот до е-пошта до услугите на Microsoft Outlook, а нивната активност започна во мај, тврди американската компанија со седиште во Редмонд.

„Мајкрософт ги контактираше засегнатите организации преку своите администратори и им достави важни информации кои ќе им помогнат да го истражат и да одговорат на овој настан“, се вели во соопштението.

Американската корпорација не прецизираше кои организации или влади биле цел на кинеските хакери, пренесува „Танјуг“.