Драма во Полска: Пред украинскиот конзулат се самозапали постар маж
Постар Украинец се самозапали денеска пред украинскиот конзулат во Краков, Полска.
Тој им викал на сонародниците во редот пред зградата да се вратат во татковината и да се борат против Русија, јавуваат полските медиуми.
„Околу осум часот наутро, 63-годишен маж стоел во ред пред украинскиот конзулат во Краков, кога наеднаш почнал да вика нешто на украински. Во еден момент извадил тегла со запалива течност, ja истурил врз себеси, ја запалил и почнал да бега“, рече портпаролот на полицијата во Краков, Пјотр Шпиех, за Полсат.
Полицаец од блиската патрола успеал со помош на случаен минувач да го изгасне пожарот на оделото на Украинецот, а брзата помош го пренела во болница каде лекарите процениле дека е во тешка состојба поради изгореници и дека неговиот животот е во опасност, јави полското радио RMF FM.
Според податоците на полската гранична стража, од нападот на Русија врз Украина на 24 февруари 2022 година, повеќе од 11 милиони украински бегалци ја преминале полската граница, додека 9,35 милиони се вратиле во земјата преку Полска.
Според податоците доставени од Полска до УНХЦР, 1,5 милиони украински воени бегалци, главно жени и деца, добиле привремено засолниште и државна помош во Полска.