Во Полска, го полија со боја споменикот на папата Јован Павле Втори


Споменикот на „полскиот“ папа Јован Павле Втори во Лоѓ, осамна утрово на 18-годишнината од неговата смрт, покриен со црвена и жолта боја и пораката „maxima culpa“, што укажува дека покојниот папа знаел за случаи на педофилија, меѓу свештениците во Полска, и тоа помогнало да се сокријат виновниците и да се прикрие аферата.

Рацете на папата на споменикот се облеани со црвена крв, а лицето му е обоено жолто, додека пораката на постаментот на споменикот се однесува на насловот на книгата на Еке Овербек „Maxima Culpa – Јован Павле Втори знаел“, во која холандскиот новинар тврди дека Јован Павле Втори морало да знае за случаите на педофилија во католичката црква.

Верниците денеска минуваат низ Лоѓ, како и низ Варшава, Гдањск и десетици други градови во Полска, маршираат во одбрана на нивниот папа Војтила, на покана на бискупот на полската католичка црква и владејачката партија Право и правда, а организираат и бденија, молитви и миси за благодарност за неговиот понтификат, откако 16 години еден Полјак не бил на чело на Римокатоличката црква.

„Многу од нас имаат причина да му бидат благодарни на свети Јован Павле Втори, поединечно или како општество. Не постои начин да се оцени добрината и хуманоста што тој ги врежал во срцата на милиони луѓе ширум светот“, вели портпарол на бискупската конференција по повод папските маршеви, Полјакот Лешек Генсак.

Организаторите на маршевите за Јован Павле Втори тврдат дека немаат никаква врска со документарниот филм за три случаи на сексуална злоупотреба и педофилија од страна на свештеници на полската католичка црква, во кој, според документите пронајдени во Институтот за народна меморија, Краковскиот митрополит кардинал Војтила, подоцнежниот папа, не само што знаел, туку и помогнал да се прикрие работата затоа што ја штител црквата, а не жртвите.

Документарецот го емитуваше независната полска приватна телевизија ТВН24 на 6 март, го видоа милиони Полјаци и предизвика бура од критики од властите и црквата, кои го етикетираат филмот и тезата дека папата прикрива и криел педофили, како напад на сè што е полско и како заговор против полското општество и црквата што може да и служи само на Русија.

Како одговор на филмот, Сејмот на полскиот парламент усвои декларација за одбрана на ликот и делото на Св. Јован Павле Втори и Националниот совет за радио и телевизија, надзорното тело за полските електронски медиуми, на крајот на оваа недела започнаа прекршочна постапка за да ја казнат ТВН24 што воопшто  го емитувала документарецот.

„Емитувањето на емисијата може да биде прекршување на Законот за радио и телевизија. Станува збор за забрана за пропагирање на активности кои се во спротивност со законите, полските национални интереси и ширење ставови кои го навредуваат моралот и општественото добро“, изјави првиот човек на тој надзорен совет Мачеј Швирски.

Во одбрана на ликот и делата на папата Јован Павле Втори, се вклучија и полските железници, кои денеска во брзите возови „Пендолино“ делат папска кремпита, тортата што покојниот Војтила најмногу ја сакаше, од слаткарница во неговиот роден Вадовице.

Вечерва во Вадовице ќе се одржи голем концерт „Никој не може да те замени“.