ВМРО-ДПМНЕ тврди дека математиката на власта не се остварува


Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека математиката на власта околу засилување на новото парламентарно мнозинство не се остварува и дека на ред да излезат се пратениците на „огнената група“. 

„Ништо драстично нема да се смени, суштината на двоецот ДУИ – СДС беше да го зголемат собраниското мнозинство и да си обезбедат комодитет во носењето на закони. Но, пресметката на власта не им излезе на азар, Алтернатива со три пратеници, Павле Трајанов еден пратеник, тоа се веќе четири, а најава има и од огнените кои што се најмалку тројца пратеници, и тоа се веќе седум пратеници кои не ја поддржуваат оваа Влада. Но, исто така има најави и за уште некои, ќе видиме дали ќе се охрабрат и дали ќе одолеат на притисокот од власта за да излезат од Владата“, истакна Петрушевски.

Пратеникот посочи дека од вчера Алтернатива и Демократски сојуз јавно се изјаснија дека не ја поддржуваат Владата. 

„На собраниската седница има четири точки и тоа разрешување на министрите од Алтернатива затоа што другите сами поднесоа оставка. Попрецизен да бидам министрите на  Алтернатива ги разрешува Ковачевски. И ако се прецизира терминолошки, Алтернатива не излезе од Владата туку е избркана. И на таа точка има голем број на пријавени пратеници, да не кажам сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ“, појасни Петрушевски.

Пратеникот нагласи дека првата точка од собраниската седница ќе потрае.

„И наредните точки се назначувањето на министри, па разрешување на заменици министри и назначување на заменици министри. И тоа исто така ќе потрае“, укажа тој.

„Ние за материјал добивме само едно ливче каде што премиерот бара разрешување и нема друго никакво образложение наведено. На ливчето пишува дека предлага  министрите да се разрешат на седницата. А, демократијата подразбира дебата и Ковачевски во експозето заборуваше за се и сешто освен з што ги разрешува министрите“, нагласи Петрушевски.

Пратеникот рече дека главната преокупација на Владата овие денови е да купи што повеќе пратеници. Дел од пратениците власта се обидува да ги купи со влијание, дел со именување за функционери, а дел со пари.

„Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски изнесе сериозни обвинувања лично до Таравари. Таравари вчера се обиде да ги демантира меѓутоа повеќе во стил претпознатлив за него и без да одговори да суштинските прашања. Таравари не одговори како купува куќа во Тафталиџе за багателна цена,  исто така не одговори на второто прашање дали воопшто и по таа багателна цена е извршена исплата од негова трансакциска сметка. И третото прашање на кое Таравари избегна да одговори е како баш куќата да ја купи од пратеник на ДУИ што исто така  е многу сомнително“, појасни Петрушевски.

Тој додаде дека четвртото прашање на кое не одговори Таравари е дали намерно го бојкотираше Села во Тетово за да изгубат и тој да ја презеде партијата.

Од „огнените“ на ДУИ порачаа исто така дека од оваа реконструкција ДУИ ќе заврши во минус.

„Во Собранието станува циркус. Рекоа Алијансата ќе влезе за да да направат 81 пратеник, сега не знаат дали имаат 61. Артан Груби ја стави ДУИ во минус пред да се формира владата-  помалку министри, помалку заменици министри, помалку државни секретари, помалку директори“, рече Меџити. 

Од СДСМ , пак, порачаа утрово дека Коалицијата и парламентарното мнозинство се стабилни, а одлуката на ДС да излезе од коалицијата не менува ништо.

„Одлуката на Демократскиот сојуз да премине во опозиција во суштина не менува ништо, владината коалицијата  и парламентарно мнозинство се силни и стабилни и успешно ќе може да продолжат да ги носат важните закони во Собранието за реформите во економијата и за европскиот пат на државата. Во текот на вчерашниот ден беа усвоени законите за Отворен Балкан и Договорот со ФРОНТЕКС, што од интерес на сите граѓани. Добро е што Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов и понатаму го поддржуваат европскиот пат на државата. Ова е важно за иднината на нашата земја.СДСМ и владејачкото мнозинство е отворено за соработка и со други партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат.Уверени сме дека има и пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои што се подготвени да се ослободат од заложничката ситуација во која ги сместија Апасиев и Мицкоски, тврдат од СДСМ.

Седницата за разрешување на министрите продолжува денес напладне.