53. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“: Таневска, Дац и Новаков во жири-комисија


Комплетирана е жири-комисијата за 53. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржува од 8 до 15 јуни во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Членови на жири-комисијата се: Мими Таневска, актерка и професор на ФДУ, Драган Спасов- Дац, актер и Јасна Новаков, театролог и извршен директор на театарот „Звездара“ од Белград.

Фестивалот ќе го отвори претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ во режија на Александар Морфов, а во продукција на Македонскиот народен театар. На затворањето во чест на наградените ќе се одигра „Не сега, драга“ (Театар комедија) во режија на Коле Ангеловски.
Како што соопшти претседателот на Советот на фестивалот и селектор Катарина Коцевска, на годинешното издание ќе се прикажат 12 претстави од македонските професионални театри кои ќе бидат во официјалната програма и во трката за награди и за највисокото фестивалско признание – најдобра претстава во целина.

Годинашни добитници на наградата за животно дело се: композиторот Љупчо Константинов и актерот Петар Арсовски. Наградите ќе ги добијат, традиционално, на отворањето на фестивалот.

На вториот фестивалски ден ќе се одиграат две претстави и тоа: Народниот театар од Битола со „Доктор Фауст“ во режија на Андраш Урбан во 19:30 часот, а домаќинскиот театар од Прилеп ќе ја одигра „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски во 22 часот.
Неделата на 10 јуни е резервирана за Театарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Еднаш свет изградив“ по мотиви од романот „Сидарта“ на Херман Хесе во режија на Јане Спасиќ и за Струмичкиот театар кој ќе ја изведе претставата „Царот Владислав“ од Борис Јанков во режија на Бранко Ставрев.

Турскиот театар од Скопје на третиот фестивалски ден ќе ја одигра Шекспировата „Крал Лир“ во режија на Диего де Бреа, а Штипскиот театар ќе се претстави со „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во режија на Нела Витошевиќ.
На 12 јуни во вторник ќе се одиграат претставите „Дони Дарк“ (Театар комедија) според мотиви на Леонард Герш во режија на Роберт Ристов и „Жените“ (Албански театар – Скопје) од авторот Роберт Томас во режија на Ќендрим Ријани.

Претпоследната ноќ е резервирана за Велешкиот театар и „Тоалет за дами“ од Родолф Сантана во режија на Деан Дамјановски, како и за „Лет над кукавичкото гнездо“ од Драмскиот театар во режија на Ристо Алексовски.

Официјалната програма на фестивалот се затвора со претставата „Ужегнатост“ по текст на Иван Вискочил во режија на Владимир Милчин.
Во придружната програма ќе се одиграат „Партија реми“ на Драмски театар, „Жена од минатото“ на Театарот од Куманово и „Железниот светилник“ од Театарот на Бугарската армија. Покрај нив ќе се одиграат и две испитни претстави. Првата е по актерска игра во класата на проф. Мими Таневска и демонстратор Ангелчо Илиевски од ФДУ и втората по актерско мајсторство во класа на проф. Мето Јовановски и асистент Магдалена Ризова Черних од ЕСРА.
Во рамките на придружната програма ќе биде поставена и изложбата на МНТ „Моќта на театарот“, ќе се одржат и две трибини на теми „Театарската критика денес“ и „Местото и улогата на драматургот во театрите во Македонија“. Промовирана ќе биде и театарска литература.

Годинешното издание на фестивалот е поддржано со 3 милиони денари од Годишната програма на министерството за култура.

И.Н.