„50 испеани приказни“ од Александар Русјаков добитник на „Антево перо“ за 2023 година


Стихозбирката „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков ја доби наградата „Антево перо“ за 2023 година. На конкурсот за наградата годинава пристигнале 73 стихозбирки, а покрај наградената поетска книга, во потесен избор за наградата биле и „Монолог на пирејот“ на Љубинка Донева, „Болопадание“ на Милена Сиљаноска, „Сновиденија“ од Кирил Ангелов, „Координати на болката“ од Александра Спасеска и „А што да речам“ на Томе Липовски. 

Одлуката за наградата едногласно ја донесе жири во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (претседател) и д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови). Жирито соопшти дека е задоволно од одличниот одѕив на конкурсот и дека 73-те стихозбирки биле со најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост.

За наградената стихозбирка наведува дека нуди „малку поинаква поетика“ и дека „ерудитивноста на Русјаков и неговите широки познавања на уметноста во сите нејзини форми и карактеристики создава една синкретична поезија“. 

-Во оваа поезија во проза, која понекогаш се движи по рабовите на овој вид, се менуваат во свеста на читателот филмски кадри од надреалистички поетски слики од секојдневието и животот на еден длабок доживувач на реалноста. Тие кадри ја менуваат техниката наизменично и прикажаното преминува во анимиран филм во црно-бела техника каде секој кадар е нацртан рачно и во секоја линија се гледа пораката што поетот сака да ни ја пренесе. Во оваа поезија има многу за љубовта, но таа љубов е лишена од тривијална патетика…Со оваа поезија, Русјаков соопштува универзални, но важни поетски пораки доближувајќи се до ѕвездените корени на Анте Поповски во кои секоја песна се раѓа и вечно живее, оценува жирито. 

Наградата „Антево перо“ се состои од печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори. 

Жирито реши да додели и две награди „Антев златник“ за 2023 година  – на Милена Сиљаноска за стихозбирката „Болопадание“ и Александра Спасеска за стихозбирката „Координати на болката“.

За поезијата на Сиљаноска наведува дека „претставува освежување во македонската книжевност – песните од оваа збирка, со својата баладичност и лиричност, промовираат поетски тон на една топла меланхолија“, а збирката на Спасеска, пак, како што посочува жирито  „ни претставува кратки и јасни стихови во модерен манир кои имаат традиционален призвук и оддаваат почит на македонските поети и нивната поезија“.

Со одлука на жирито, наградата „Антев часовник“ за млади, талентирани поети  ѝ се доделува на Светла Јакшиќ за стихозбирката „Ноќен суфлер“ која „со својата младешка свежина на поетскиот израз никого не остава рамнодушен“.