4iG ги зајакнува врските со водечките американски вселенски и технолошки фирми во Вашингтон


Претседателот на Групацијата 4iG, Гелерт Јасаи, одржа состанок со директори од SpaceX и со водечки американски компании за вселенска и енергетска технологија, сигнализирајќи голем чекор кон подлабока трансатлантска соработка во иновациите, одбраната и истражувањето на вселената, соопштија од компанијата.

Јасаи оствари средба со Тим Хјуз, виш потпретседател за глобален бизнис и владини прашања во SpaceX, а на состанокот присуствуваа и амбасадорот Шаболч Такач и тимот на 4iG Space and Defense Technologies.

Одделна средба на високо ниво Јасаи оствари со Кам Гафаријан, основач и претседател на Axiom Space, X-energy, Intuitive Machines и IBX, а тема на разговорот беше американско-унгарската соработка за технологиите на следната генерација.

Axiom Space е лидер во развојот на комерцијални вселенски станици, додека Intuitive Machines е клучен играч во истражувањето на Месечината и вселената. Преку овие средби се проширува улогата на Унгарија во глобалната вселенска индустрија.

„Овие дискусии ја потврдуваат посветеноста на 4iG за поместување на технолошките граници и зајакнување на позицијата на Унгарија во меѓународниот сектор за вселенски и одбранбен простор“, изјави Јасаи.

„Преку партнерства со глобалните лидери како SpaceX и Axiom Space, го забрзуваме напредокот на Унгарија во сателитските комуникации, истражувањето на вселената и енергетската технологија“, додаде тој.

На состаноците било договорено да се унапреди сателитската програма HUSAT на 4iG, прва приватно финансирана сателитска иницијатива во Централна и Источна Европа, со потенцијални партнерства за лансирање на SpaceX. Меѓу останатото, нагласена била и потребата од зајакнување на соработката меѓу Унгарија и САД во делот на технолошките врски во вселената и одбранбените иновации.

Овие средби се продолжение на декемвриските состаноци кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп беше домаќин на унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговиот имот Мар-а-Лаго, а меѓу присутните беа министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, претседателот на Групацијата 4iG, Гелерт Јасаи и Илон Маск, советник на Трамп, основач и извршен директор на Tесла и SpaceX, како и Мајк Волц, актуелен советник за национална безбедност во САД.

4iG ќе продолжи со техничките дискусии и стратешкото планирање со своите партнери од САД во наредните месеци, а најавите за конкретни проекти и договори се очекуваат во 2025 годинасе вели во соопштението до медиумите.